fbpx

(ВИДЕО) Денот на Општина Тетово се одбележа со отпадоци и со депонии

Решение за овој проблем немаат ниту општинските власти, ниту словенечката компанија „Заубермахер“ која се занимава со управување со отпадот. На граѓаните им е веќе преку глава од ваквата состојба, пишува Порталб.мк

-

Денес се одбележа денот на Општина Тетово, а повеќе од една недела градот се гуши во отпадоци и депонии расфрлани насекаде. Решение за овој проблем немаат ниту општинските власти, ниту словенечката компанија „Заубермахер“ која се занимава со управување со отпадот. На граѓаните им е веќе преку глава од ваквата состојба, пишува Порталб.мк.

Во градот има десетици депонии создадени среде улици и тротоари, кои непријатно мирисаат и секојдневно предизвикуваат револт кај граѓаните. Порталб.мк анкетираше дел од граѓаните кои го изразија својот револт.

„Тоа е катастрофа, секој ден исто. Не знам што друго да кажам, уморни сме. Нема решение“, рече еден граѓанин.

„Велат дека донеле една фирма од странство, каде е, овде состојбата е страшна“, вели друг граѓанин.

„Мислам дека општината дефинитивно треба да го разгледа договорот со компанијата, бидејќи во обид да се подобри, стана полошо, го губиме трпението“, вели друг граѓанин.

„Во една земја која цели да стане членка на ЕУ, ваквите сцени се депресивни и неверојатни. Нема оправдување за оваа состојба во која се наоѓа градот. Оние кои се платени за оваа работа треба да работат, а потребно е и да се подигне свеста на граѓаните за зачувување на животната средина“, рече една тетовка.

Од Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ за Порталб.мк истакнаа дека состојбата на терен се подобрува само во првите месеци кога се менува раководството, а потоа продолжува сè по старо.

„Последниве недели во градот се гледа тотален хаос со отпадоците, а граѓаните не разбираат зошто ситуацијата се влошила кога општината помпезно ги нареди камионите во центарот и вети почист град од било кога порано“, изјавија од „Подобро за Тетово“.

Својот револт граѓаните често го изразуваат и на социјалните мрежи каде што споделуваат фотографии од нивните населби.

Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, на новинарско прашање за ова прашање на 27 февруари рече дека се работи за период на трансформација од јавно претпријатие во приватен партнер и дека состојбата ќе се подобри.

„До започнување со работа има многу административни процедури, од регистрација на камионите кои беа донесени, па сè до отворањето на сметката, кои и за нас остануваат проблем. На приватниот партнер му требаат неколку дена, па дури еден месец само за да отвори сметка во банка. За жал, има некои процедурални и административни задачи кои ја одолговлекуваат целата постапка. Им гарантирам на сите тетовци дека сме при крај“, рече Касами.

На 10 ноември 2023 година, Општина Тетово склучи договор за јавно-приватно партнерство со словенечката компанија на групацијата „Заубермахер“ за управување со отпадот во Тетово, при што ова неколкупати беше помпезно  промовирано дека ќе го реши проблемот со отпадот во Тетово, но до сега на терен проблемот останува нерешен.

Порталб.мк го обезбеди и договорот за јавно – приватно партнерство меѓу Општина Тетово и компанијата „Заубермахер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...