fbpx

„Еуровиа“ подизведува и за „Бехтел-Енка“, за опозицијата шокантен податок, за власта нема ништо спорно

Уште не се стивнати реакциите во јавноста за тендерот што „Еуровиа“ го доби од Министерството за надворешни работи, а веќе се објави дека оваа фирма ќе работи и како подизведувач на автопатот Гостивар-Кичево

-

Градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Кичево вчера почнаа кај гостиварското село Горна Бањица од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“. Порталот А1он.мк деновиве објави дека фирмите „Еуровиа“, „АК Инвест“ и „Стентон градба“ се фирмите што се избрани за подизведувачи, додека вицепремиерот Артан Груби на вчерашната свеченост воопшто не го демантираше изборот на подизведувачи.

„Целосната надлежност за подизведувачите е во рацете на компанијата „Бехтел и Енка“. Луѓето ќе бидат свесни за динамиката на работа на американско-турскиот конзорциум. Ова е новиот пат кој ќе води до Кичево“, рече вицепремиерот Груби, кој вчера им посака успешна работа на американско-турскиот конзорциум.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека шокантен е податокот оти фирма-донатор на ДУИ е избрана за главен подизведувач на „Бехтел и Енка“.

„Компанијата „Еуровиа“, како што беше објавено во јавноста, има основано сомневање дека на сомнителен начин добила и тендер од Министерството за надворешни работи за преуредување на спортскиот центар Борис Трајковски, а за потребите на настан кој што го организира министерот за надворешни работи во декември годинава. И истата таа фирма или фирма поврзана со оваа фирма се јавува како еден донаторите на партијата Демократска Унија за Интеграција“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за коментар за тоа дека фирмата донатор на ДУИ, која доби тендер од МНР на чело со Бујар Османи, сега е избрана и за главен подизведувач конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорот 8.

Мицкоски вели дека имаме фирма која што на одреден начин пркоси пред претставниците на меѓународната заедница.

Во изјава за медиумите, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, кој е на позицијата именуван како кадар на ДУИ, вчера изјави дека на конзорциумот „Бехтел и Енка“ досега годинава му се префрлени над 170 милиони евра за изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Инаку, статусот на подизведувач на автопатот Гостивар-Кичево не е единствениот случај кој предизвика реакции во јавноста во однос на ангажманите што ги добива фирмата „Еуровиа“.

Пред околу 15-тина дена, беше актуелен тендерот што го додели Министерството за надворешни работи на истата компанија, која за 1,8 милиони евра треба да ја преадаптира салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ во Скопје што ќе се одржи во декември годинава.

Министерот Бујар Османи на 30 август годинава уверуваше дека од медиумите дознал оти фирмата „Еуровиа“ е донатор на партијата ДУИ, додавајќи дека тендерската постапка за избор на компанијата била крајно транспарентна и дека министерството нема никаква можност да реагира и да го поништи тендерот.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на крајот од август информираше дека ќе отвори предмет за тендерот што „Еуровиа“ го доби од Министерството за надворешни работи. ДКСК во моментов ја анализира целокупната документација и на овој предмет се работи, по што ќе излезат со информации во јавноста.

Но, од друга страна, пред само неколку дена, Антикорупциската комисија на 11 септември на седница утврди дека партијата ДУИ го прекршила Законот за финансирање на политичките партии, бидејќи во 2022 година примила донации кои биле поголеми од законски дозволените суми, а вишокот средства на „Еуровиа“ не ги вратила веднаш или во рок од 15 дена по приемот, туку дури во јули 2023 година.

Притоа, ДКСК донесе одлука предметот во врска со донациите кон ДУИ да биде проследен до Министерството за правда и до Државниот завод за ревизија како надлежни институции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во Изборна единица 3 на претстојните избори Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот...