„Домаќинство за почетници“ во режија на Столевски е македонски кандидат за Оскар

Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција - Скопје неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција

Извор на фотографија: Елемент ПР / Viktor Irvin Ivanov / © 2023 FOCUS FEATURES LLC

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Оваа одлука ја донела Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камера оператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф. Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“, режиран од Елеонора Венинова.

„Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер.

Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.

96-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 10. март 2024 година, во Dolby театарот во Лос Анџелес.

1 КОМЕНТАР

  1. […] Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм, објави агенцијата Мета. […]

Comments are closed.