fbpx

Контраспин: Изјавата на Мицкоски за „благонадежните Блгари Ковачевски, Пендаровски и Османи“ е спин

Сосема друго прашање е државна политика во која ќе се инсистира на состојба со македонското малцинство во Бугарија, како во време од договорот Тито-Ѓ. Димитров, значи по Втората светска војна, кога, како што вели Мицкоски

-

Нема ниту еден елемент во преговарачката рамка со ЕУ со кој е засегнат македонскиот идентитет. Оттаму, изјавата „за благонадежни Блгари“ за тие што ја прифатиле е спин. Сосема е друго прашање за руската политика на Балканот и заедничките точки со изборот на водење на македонска државна политика по принципот на реципроцитет, како и цената и последиците од таквата политика по земјата барем за извесен временски период, доколку соседната земја не ги дели истите ставови, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Шефот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава за медиумите сподели став во кој може да се препознае спин:

Спин: Во историјата наназад секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет позади таа акција секогаш стоела поддршката од Русија односно руските интереси на Балканот, така било и за време на Санстефанскиот договор кога практично денешна Македонија ја добива Бугарија како подарок, а е резултат на оној договор кој го направиле министрите за надворешни работи на тогашната Русија и Отоманската империја.

Истото се случило и кога е напуштен Бледскиот договор од страна на Бугарија еднострано по налог на тогашниот советски претседател Сталин и истото за жал денеска само со македонска рака го потпиша триото Ковачевски-Пендаровски-Османи. Често пати велам кога би бил Тодор Живков жив би бил многу горд на овие тројца и би ги нарекол сигурен сум како благонадежни Блгари. Затоа повикувам Европа да не дозволи во 21 век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ.

(Напомена од редакцијата: Вистиномер ги пренесува и цитира содржините за деспинување во оригинал и без никакви измени.)

[Извор:ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски/изјава; датум: 03.10.2023]

 

Контраспин: Изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека доколку Тодор Живков бил жив би ги нарекол Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски, Бујар Османи, „благонадежни Блгари“, поради нивното прифаќање на Преговарачката рамка со ЕУ, е извртување на вистината, т.е. спин.

Мицкоски, како и во секој спин, користи ред вистина, па ред извртување, т.е. невистина, за на крај спинот да изгледа уверлив. Па, така, тој е во право кога тврди дека зад креацијата Санстефанска Бугарија и Санстефански договор од 1878 година во голема мерка стои интересот на руската дипломатија да создаде голема држава на Балканот како свој силен сојузник во одржувањето на руските интереси, вклучувајќи ги и оние и со големите сили Австро-Унгарија, Германија, Велика Британија, Франција, но и со Отоманското царство. Впрочем, зошто па денеска е тоа камен за Бугарија може да се прочита во извонредниот појаснувачки став на бугарскиот историчар Стефан Дечев.

Исто, Мицкоски е во право кога тврди дека напуштањето на Бледскиот договор е еднострано и со помош и наредба директно од советскиот диктатор Ј.В.Сталин, но и тука не се Македонија и македонскиот идентитет главно прашање, туку поголемите руски интереси, односот со глобалните сили, интересите на Балканот каде доминантна била тогашната СФРЈ, итн.

Така е и денес. Нема сомневање дека актуелниот спор меѓу Бугарија и Македонија, кој нагло се заостри во 2019 г., две години по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка во 2017 г., во добар дел е поттикнуван и од Руската Федерација – доволно е само да се прегледаат руските бизнис интереси во Бугарија и активноста на руската амбасада во Софија и да се споредат со руската амбасада во Скопје – но, повторно, центарот на внимание не е Македонецот и неговиот идентитет, туку запирање на евротлантскиот пат на нашата држава, создавање потенцијал за конфликтно подрачје и на тој начин слабеење на глобалната моќ на Западот, особено важно во актуелниот конфликтен период по руската инвазија во Украина. Идентитетското прашање на македонскиот народ во сите три епизоди опишани од Мицкоски во неговата изјава дадена во Охрид, е само колатерална штета, со тоа што, и после Бледскиот договор и сега, тој идентитет тешко може да биде крајна цел, што не го спорат ниту од Софија.

Во такви околности, доколку се погледне со што тоа му наштетиле на идентитетот Ковачевски, Пендаровски и Османи, кои во 2022 година се согласија да ја прифатат Преговарачката рамка со ЕУ, ќе се види спинот на Мицкоски.

Зашто ништо во таа преговарачка рамка, вклучувајќи го воведниот општ дел, т.е Заедничкиот став на ЕУ, каде се наведува почитување на протоколите со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, не може да му штети на идентитетот на македонскиот народ. Дури ни делот од Протоколот за работата на историската Комисија меѓу Скопје и Софија, зашто таа работа е на паритетна основа, а преговорите меѓу Скопје и Брисел, секако, нема да запрат доколку Комисијата не постигне договор. Прашањата што ги разгледува Комисијата во крајна линија не се идентитетски прашања, туку прашања на историски факти кои секогаш, научно-методолошки, се толкуваат или треба да се толкуваат во дадениот временски контекст и општествени состојби кога се случувале.

Оттаму, да се тврди дека споменатите тројца функционери би биле наречени „благонадежни Блгари“ е спин, наменет да се зацврсти тврдењето за бугарски диктат како причина за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за непромена на Уставот и внесување на Бугарите во него.

***

Сосема друго прашање е државна политика во која ќе се инсистира на состојба со македонското малцинство во Бугарија, како во време од договорот Тито-Ѓ. Димитров, значи по Втората светска војна, кога, како што вели Мицкоски. „Македонците таму имале комплетна културна автономија“, училишта, книги, па дури и гостувања на македонски театри и актери со пократок или подолг ангажман.

Водење на таква државна политика во билатералните односи со Бугарија и во мултилатералата, водена од принципот на почитување на основните човекови права, меѓу кои и изразување на традицијата и културата на еден народ што живее како малцинство во соседната земја, значи дека Скопје би инсистирало на принципот на реципроцитет како примарен. Тоа си има своја цена и создавање нов тип односи, но и тензии кои би траеле неизвесен период години, доколку соседната држава не ги дели истите погледи и ставови и секако, барем времена неизвесност во позицијата на Македонија во меѓународната политика. Таа тензија и тој конфликт, во краен исход повторно ќе оди на сметка на руските интереси на Балканот.

Тоа е веќе прашање на избор на граѓаните што гласаат и политичката елита што ќе добие гласови да ги води.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...