fbpx

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на претседателските избори, не гарантира за излезноста

Мицкоски во гостувањето остава простор и на претседателските избори да ја нема потребната излезност на гласачите, а во тој случај, прогнозира Мицкоски, државата може да влезе во континуиран процес на избори и смета дека земјава тоа нема да може да го издржи

-

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави оти неговата партија нема да ги бојкотира претседателските избори и дека ќе учествува на нив, додавајќи дека нивниот кандидат во првиот круг ќе водел пред кандидатот на ДУИ и СДСМ за околу 100.000 гласови.

„Нема потреба зошто да ги бојкотираме, друго е прашањето кои се предизвиците со коишто ќе се соочи Македонија во периодот кој следи, а кои се поврзани со тој изборен процес и парламентарните избори“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното гостување на „Радио Лидер“.

Сепак, Мицкоски во гостувањето остава простор и на претседателските избори да ја нема потребната излезност на гласачите, а во тој случај, прогнозира Мицкоски, државата може да влезе во континуиран процес на избори и смета дека земјава тоа нема да може да го издржи.

„Многу е важно како ќе се организираме и како ќе ја организираме државата бидејќи сме на 4 месеци од изборна кампања, мора да завршиме претседателски избори во април. Ако тој процес е успешен претседател треба да има на 12 мај. По принцип две недели порано треба да заврши вториот круг, а тоа значи дека најдоцна треба да заврши вториот круг на 28 април, тогаш првиот круг е 14 април“, изјави Христијан Мицкоски.

Мицкоски на гостувањето рече дека актуелната власт се однесувала неодговорно кон државата и ресурсите, а планот им бил да одат со заеднички кандидат, кој ќе го номинирал ДУИ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека логично било со вториот круг на претседателските избори да се организираат и парламентарните избори, бидејќи прашањето било дали Македонија ќе има доволно ресурси за таков краток период да изработи три изборни циклуси.

„Дајте на лидерска средба да ги договориме датумите, на неколку месеци сме пред кампања, секогаш имало дијалог, никогаш не се случувало ова“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека власта бега од дијалог и од лидерска и од дијалог во Собрание, а ни следат важни процеси.

„Ако се случи да има неуспешни претседателски избори, условно кажано, тогаш рокот е за 40 дена треба да се повтори процесот. Можеме да влеземе во континуиран процес на избори и да се измори државата“, изјави Мицкоски.

Мицкоски ја отфрла можноста да има техничка влада во земјава како таа на Спасовски и на водење на земјата со уредби, во услови на суспендирање на парламентот.

Инаку, според македонскиот Устав, за да се избере претседател во првиот круг од изборите неопходно е кандидат да добие мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи. Ова практично значи дека најверојатно ќе има втор круг на претседателските избори, во кој се пласираат двајцата кандидати кои ќе освојат најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Во вториот круг клучно е обезбедувањето на излезноста на гласачите, бидејќи за претседател е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, но на гласачките места ќе треба да излезат повеќе од 40 отсто од избирачите запишани во Избирачкиот список.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...