fbpx

Затворени гласачките кутии, отворено прашањето за резултатите

Излезноста на избирачките места половина час пред да заврши изборниот процес била 48,47 отсто, според податоците достапни на сајтот на Државната изборна комисија

-

Излезноста на избирачките места половина час пред да заврши изборниот процес била 48,47 отсто, според податоците достапни на сајтот на Државната изборна комисија. Според податоците, на претседателските избори гласале 801.645 лица со право на глас, од обработени информации од 3.184 избирачки места.

Според досегашните податоци, најголема излезност е забележана во Новаци со 71,07%, а најмала во Шуто Оризари со 22,06%.

Фото: Принтскрин, ДИК

Избирачките места се веќе затворени, а започнато е пребројувањето на гласовите. Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.

„Со оглед дека податоците ги добиваме од општински изборни комисии, се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме“, рече Даштевски, кој оцени дека гласањето се одвивало мирно.

Изборниот процес помина генерално мирно во фер и демократска атмосфера со низа помали прекршувања пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти, оцени на денешната прес-конференција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

Тој им честиташе на граѓаните, како што рече, за високата демократска свест манифестирана преку големата излезност.

Според него, согласно податоците за нерегуларности добиени од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во Општина Сарај, импровизиран штаб во близина на училиштето „Гоце Делчев“ во Гостивар, а забележани се и случаи на семејно и колективно гласање за кои истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.

Според СДСМ, граѓаните својата волја ја изразиле слободно и достоинствено, како што доликува на една демократска земја, членка на НАТО со почнати преговори за членство во ЕУ.

„Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес кои ги сметаме за исклучоци. Благодарност до сите граѓани коишто денеска излегоа и го дадоа својот глас. Правото на слободно одлучување и слободен глас е највредната придобивка на демократијата. А самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и за иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати. Уверени дека граѓаните и денеска и на 8-ми мај, ќе поддржат европска иднина за Македонија, иднина во која што Македонија е дел од европското семејство, и горда членка на ЕУ“, рече Богданка Кузеска од штабот на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.

На првата прес-конференција по затворањето на гласачките места во изборниот штаб на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ портпаролот Арбер Адеми упати честитки до сите учесници на изборите за тоа што изборниот ден и целиот процес мина во фер и демократска атмосфера и истакна дека очекува претседателскиот кандидат Бујар Османи да оствари голема, историска победа.

Арбен Таравари, на прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека „земјотресот по сѐ изгледа денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите“.

„Се надевам дека на 8 мај, ‘Вреди’ ќе победи и ќе дојде долгоочекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.

Честитки за денешниот изборен ден до сите граѓани упати и претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.

„Покажавме дека можеме да направиме мирни и демократски избори. Немам забелешки на однесувањето на моите противкандидати, ниту на нивниот речник“, рече на прес-конференција Јакимовски во 19 часот.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно информираа дека изборниот ден се одвивал мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак како што изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на некои места биле регистрирани одредени неправилности, како што се фотографирање гласачко ливче, оставање летоци и пишување графити.

До ДИК до 17 часот доставени биле 308 приговори за заштита на лично избирачко право, од кои 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат правото на глас, 25 се отфрлени како неуредни, 38 се одбиени, а останатите се во обработка.

Граѓаните на претседателските избори можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.