Вечерва ќе се одржи бруцошката забава на ФЕИТ

Добро познатата традиција на добри бруцошки забави на Факултет за електротехника и информациски технологии продолжува, со музичка придружба од македонски артисти како Фанк Шуи, Бон праскиза и Секси Марса, Кем, Ана Мало и други

Илустрација: @kole.arthouse

Настанот „Бруцошка@ФЕИТ“ ќе се одржи вечерва на кампусот на Факултет за електротехника и информациски технологии. Тој содржи музичка програма која се состои од македонските артисти Фанк Шуи, Ана Мало, Бон Праскиза, Секси Марса, Кем, Катарина и други. Тој е целосно организиран од Факултетското студентско собрание (ФСС) на ФЕИТ.

Студентскиот музички фестивал ќе започне во 20 часот, а влезот е слободен.

„Бруцошка би го опишала како едноноќен фестивал што од една страна ја запознава јавноста неконкретно со програмите на ФЕИТ, го претставува ФЕИТ пред младите. Од друга страна, доста се залага за промовирање на млади македонски изведувачи. Прво истражуваме што се случува на македонската музичка сцена, да ги препознаеме квалитетните музичари и да им дадеме, особено на помалите и помалку познати, артисти и групи подиум пред 5-6.000 луѓе да се претстават и со тоа да им помогнеме во нивните кариери“, вели Анастасија Марковска, претседателка на ФСС-ФЕИТ, за Студентскиот подкаст на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

„Секако, организирањето на толкав настан бара доста работа. Потребно е да се најдат спонзори, дали од приватни компании или од факултетот, да се определи буџет, да се контактираат изведувачи и да се преговара со нив, да се состави репертоар, да се најдат луѓе за храна, волонтери, да се ангажира Пакомак за да се справиме со отпадот, да се подготват рекламни материјали, постирање на социјални медиуми, да се најде обезбедување. Лани тимот беше околу 10-15 студенти“, дополни Марковска за организацискиот потфат при организирањето на овој настан.

Таа истакна дека организирањето на бруцошката забава претставува одлична прилика за студентите на факултетот да се стекнат со менаџерски способности додека сѐ уште се студенти.

„Бруцошка@ФЕИТ“ е поддржана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Општина Карпош, Македонски Телеком, MyTime, Лекс Електрик, Пивара Скопје, Котур, Rapsody Travel & Events и Common.mk.

„Единствениот баксуз на овој петок 13-ти ќе биде да не сте на Руѓер Бошковиќ 18“, велат од ФСС-ФЕИТ.