fbpx

Политичарите од уста не ги вадат оправдувањата за измените на Кривичниот законик

Кој ќе одел во опозиција, а кој е Дарт Вејдер е темата со која веќе неколку дена се замајува јавноста

-

Македонските политичари веќе неколку дена од уста не ги вадат оправдувањата на измените на Кривичниот законик, кои експресно за период од неколку часа ја поминаа целата собраниска процедура за нивно усвојување, и тоа по скратена постапка и со европско знаменце. Кој ќе одел во опозиција, а кој е Дарт Вејдер е темата со која веќе неколку дена се замајува јавноста. Инаку, законските измени стапија во сила денеска, а со нив се намалуваат или бришат казни поврзани со злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата и злосторничко здружување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Свети Николе искоментира дека со измените на Кривичниот законик власта се подготвува да оди во опозиција, но идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе ги истражела сите основани сомненија за криминал и ќе ги извела пред лицето на правдата политичките криминалци.

„Неколку пати повторивме и со златно знаме да го изгласаат идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера многу сериозно да ги истражи сите основани сомненија за сторен криминал изминатите шест години и да ги изведе пред лицето на правдата политичките криминалци кои што на маката на народот се богателе изминатите шест години. Така што нема каде да се сокријат ако мислат дека на овој начин ќе бидат амнестирани за злоделата и криминалот што го правеа изминатите шест години“, нагласи Мицкоски.

Сепак, од Христијан Мицкоски веќе неколку дена нема ниту збор објаснување за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ остана во собраниската сала кога се гласаа измените на Кривичниот законик и го обезбеди неопходното мнозинство на пратеници за да може да се изгласаат спорните измени на Кривичниот законик.

Премиерот Димитар Ковачевски пак денеска се занимаваше со Дарт Вејдер, говорејќи за измените на Кривичниот законик. Ликот на Вејдер од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ веќе втор ден го зборува премиерот, а денеска рече дека остава на истражувачкиот потенцијал на новинарите да откријат кој се крие позади ликот на Дарт Вејдер во македонското правосудство. Тој говорејќи за измените во Кривичниот законик кажа дека претходно сме имале закон во кој казните биле направени од Дарт Вејдер во македонското судство.

Инаку, премиерот вчера изјави дека измените во Кривичниот законик, со кои, меѓу останатото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, се направени во согласност со законодавството на ЕУ.

Но, реакција на измените на Кривичниот законик денеска дојде и од евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој ја изрази својата загриженост дека некои од измените кои се направени во Кривичниот законик носат ризик на намалување на казнивоста.

„Исто така, Европската комисија потсети на важноста на владеење на право во самата земја, исто така што се однесува до самиот принцип на неказнивост, всушност кривични дела што се поврзани со тоа, треба да бидат адресирани на вистински начин“, рече евроамбасадорот Гир.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...