fbpx

Првите наоди од обвинителството за Клиниката за онкологија укажуваат на дела против здравјето на луѓето

Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето

-

Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштуваат од Јавното обвинителство, во однос на објавените информации дека со години на клиниката имало злоупотреби со лековите за болните од рак.

До овој момент, велат од обвинителството, од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа.

„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од обвинителството.

Надлежните јавни обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои досега се јавиле на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да ѝ помогнат на истрагата со свои сознанија.

„Во насока на целосно расчистување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во координација со Министерството за внатрешни работи, кое по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации. Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Дополнително, јавното обвинителство ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвувале ревизорскиот извештај на Клиниката за онкологија и констатирале пропусти во работењето. Ќе се бара и меѓународна соработка, во однос на пациентите од Косово и од Албанија, за кои се тврди дека на црно примале од терапијата наменета за пациентите болни од карцином во земјава.

„Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји“, велат од обвинителството.

Вчера бил доставен и список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката, а денеска тие треба да потпишат изјави за тајност.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, говорејќи за начинот на кој моментално се одредува терапијата за пациентите на Клиниката за онкологија, рече оти е многу задоволен што во јануари годинава било одлучено за дијагнозите и дозите на лекарствата да одлучуваат раководителите на сите 12 оддели на Клиниката.

„За сите тие дијагнози што се поставуваат во тек на таа недела одлучуваат сите тие раководители за да нема некој пропуст, да се потврдат дијагнозите и да се одреди точна доза на лекот и кој пациент кога и како ќе го прими, и потранспарентно и поодговорно од тоа мислам дека не може… Тука е минимална можноста да се згреши или да се направи некој пропуст, а дали може да се краде некој лек, тоа може од тие што се вработени секој да го направи, но за тоа ќе сноси одговорност согласно законите на нашата држава“, изјави Меџити.

Тој воедно рече дека сè уште не е одлучено дали во функција ќе биде вратен КАТО-системот, кој ја контролира употребата на лекови – цитостатици или ќе се оди на друг систем за оваа намена.

„Пред два месеци отприлика на моја иницијатива ги побарав претставниците на системот КАТО, пред да избие скандалот, да ми образложат зошто тој, како што знам од непотврдени информации, дека бил кратко време во функција и требаше да ги анализираме сите состојби и да видиме зошто системот не е во функција. Тие ни образложија дека станува збор за добар систем, дека следи во милилитри како се троши одредениот лек по дози, но не значи дека тој препознава лек, може да се стави и вода и тој систем да не препознае… Од претходниот директор било кажано дека системот не бил исплатлив, дека чинеле многу некои кеси. Јас не знам за што се зборувало, затоа ние сакавме одблиску да бидеме известени што се случува“, рече Меџити.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...