fbpx

Честитки по повод Денот на независноста: 32 години самостојна и суверена држава

Денеска прославуваме 32 години самостојна и суверена држава, откако на 8 септември 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, се изјаснија дека сакаат да живеат во самостојна и суверена држава

-

По повод чествувањето на денешниот државен празник 8. Септември – Денот на независноста на Северна Македонија, македонскиот државен врв и лидерите на политичките партии упатија честитки, а серија од настани се одржуваат денеска низ целата земја под мотото „Гласник на слободата“. Денеска прославуваме 32 години самостојна и суверена држава, откако на 8 септември 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, се изјаснија дека сакаат да живеат во самостојна и суверена држава.

Претседателот Стево Пендаровски во честитката по повод 8. Септември вели дека денес ни е потребен нов колективен напор, но карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме.

„Од нас денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме функционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани“, стои во честитката на Пендаровски.

„Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме“, додава претседателот, потенцирајќќи дека само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од три децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат.

Премиерот Димитар Ковачевски преку видео порака им го честиташе на сите граѓани Денот на независноста.

„Генерациите од 1991-та година, ги водеше гласот за слобода, државност и интеграција, што одекнува од Илинден 903-та и АСНОМ 44-та година. И тие одговорија со граѓанска и политичка одговорност кон аманетот и перспективите. 32 години по прогласената независност на нашата Република, Гласникот на слободата, 8 Септември, денес бара слух од сите нас, за континуиран развој. Денешниот 8 Септември повикува на слободно одлучување како демократска должност, за подобар живот на сегашните и идните генерации“, се наведува во честитката од премиерот Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во упатената честитка по повод 8. Септември посочува дека нема ништо посилно од волјата на народот кога е исправен пред историска одлука.

„Нека значењето на овој ден повторно ја разгори жедта за обединување,  чувствувајќи ги благодетите да бидеме онаму каде природно припаѓаме – бидејќи ние сме Европа и само како дел од неа сме свои на своето. Стремежот да сме дел од европското семејство е мерка за тоа како се сака државата, каква држава сакаме да им оставиме на идните генерации. Заедно сме на овој пат и заедно мора да го изодиме до крај, до полноправно членство во ЕУ, еднакви со сите останати“, вели министерот Спасовски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во честитката до граѓаните по повод Денот на независноста вели дека независноста е духот на народот обединет со заеднички вредности и соништа за иднината.

„Денес, на Денот на независноста ја чествуваме издржливоста и решителноста на секој Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Ром, Бошњак и секој еден граѓанин на Македонија. Стоејќи гордо под знамето на сонцето да се потсетиме и поклониме на жртвите на оние кои го дадоа животот за денес да го живееме вековниот сон. Храбрите одлуки се втемелени во македонскиот непокор и затоа горди на минатото, се поклонуваме на историјата, но живеејќи во сегашноста да се обединиме за европската иднина на Македонија“, стои во честитката од министерката за одбрана

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката по повод Денот на независноста вели дека 8.Септември е круната на македонската борба за слобода, државност и независност.

„Овој ден е остварувањето на соништата на илјадници синови и ќерки од Илинденската борба, од Народноослободителната борба и од сите епопеи во македонската историја, кои своите животи ги положија за Македонија. Нивниот аманет денес го живееме и имаме обврска да го оставиме на идните генерации по нас, затоа што Македонија е наш дом“, се вели во честитката од Христијан Мицкоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...