fbpx

Ќор-фишек за измените во Кривичен законик: „Службен весник“ ги објави, реакциите божем не стивнуваат

И додека опозициските партии во јавноста со соопштенија излегуваат да реагираат на измените на Кривичниот законик, забележливо е дека пратениците од опозицијата го обезбедија кворумот за успешното гласање на спорните измени

-

Ќор-фишек, термин во Дигиталниот речник на македонски јазик кој е опишан како „куршум за вежбање чие зрно не содржи смртоносно полнење“. Вака накратко може да се опишат реакциите по усвоените измени во Кривичниот законик, со кои значително се намалија затворските казни за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „злосторничко здружување“ и „несовесно работење во службата“.

Измените на Кривичниот законик вчера беа објавени во „Службен весник“ и тие ќе стапат на сила на осмиот ден по објавувањето, односно веќе наредната недела. И покрај барањата на невладините организации и бројните реакции во јавноста, претседателот Стево Пендаровски вчера го потпиша указот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Претходно, пратениците по скратена постапка во период од само неколку часа ги усвоија предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик, по предлог на Владата на РСМ која ги усвои на владина седница на крајот од август, без притоа за ова да ја информира јавноста во официјалните соопштенија што ги испраќа до медиумите.

И денеска не стивнуваат реакциите од политичките партии во однос на усвоените измени на Кривичниот законик.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение се огласија, велејќи дека СДС и ДУИ си ги амнестирале криминалите, а Левица им помогнала и не гласала против.

„СДС и ДУИ со измените во законот изгласаа амнестија за тендерите во четири очи, за матните зделки, наместените набавки, а во сето тоа им помогна Левица. Апасиев е спотер секогаш кога на власта треба да и помине закон или криминал, тогаш глуми или патриот на батерии или загрижен политичар. Апасиев е само маша за протнување на сите криминали на СДС и ДУИ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

И од албанската опозициска партија Алтернатива излегоа со реакција, велејќи дека претседателот Стево Пендаровски ја избрал погрешната страна со неговиот потпис на указот за прогласување на срамните измени на Кривичниот законик, кои од Алтернатива ги оквалификуваа како „најлошата можна честитка на 32-годишнината од независноста на државата.

И додека опозициските партии во јавноста со соопштенија излегуваат да реагираат на измените на Кривичниот законик, забележливо е дека пратениците од опозицијата го обезбедија кворумот за успешното гласање на спорните измени. Имено, резултатите од гласањето на собраниската седница на 6 септември покажуваат дека владејачкото мнозинство имало само 48 гласа „ЗА“ при усвојувањето на предложените измени, односно доколку опозицијата не се согласувала со измените на Кривичниот законик, можела да го напушти гласањето и да не обезбеди кворум од потребните 61 пратеник. Напротив, 36 пратеници на седницата гласале „ПРОТИВ“, вклучувајќи пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери, како и партијата Алтернатива.

Со измените на Кривичниот законик кои треба да стапат на сила за една недела, значително се намали казната за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор. Понатаму за членот 394 „Злосторничко здружување“ се намали казната до 10 години на казна до најмногу 3 години. Во однос на делото „Несовесно работење во службата“, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета се ограничува максималната казна на 5 години, за разлика од сегашното уредување каде максималната казна е 20 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бизнис идеите на младите презентирани на првиот ден од Стартап Викенд Охрид

Викендов, од 26 до 28 април се организира второто издание на Стартап Викенд Охрид, настан кој е најголем од ваков тип во државата, а кој започна вчера попладне и...