fbpx

Пендаровски го потпиша указот, се отвори вратата за застарување на голем број предмети за криминал и корупција

Со ова, опасност од настапување на апсолутна застареност добиваат предметите како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија

-

Претседателот Стево Пендаровски денеска, и покрај големиот број реакции, сепак го потпишa Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Во соопштението на кабинетот се вели дека со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата.

„Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела“, стои во соопштението на кабинетот на Пендаровски, и се додава дека тој очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да биде применувана во пракса.

Пред само еден час, Блупринт групата за реформи во правосудството во која членуваат видни невладини организации, со допис до претседателот Пендаровски бараше да не го потпишува указот на измените во Кривичниот законик, со коj се намалуваат затворските казни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања.

Од Блупринт групата во писмото на три страници, дадоа многу образложенија зошто овие законски измени би биле погубни за борбата против криминалот и корупцијата.

Како прво, тие ја оценуваат самата постапка во која Владата ги предложи измените како целосно нетранспарентна, неетична и во спротивност со прописите кои ги уредуваат процесите за проценка на влијание на регулативата.

„Било каква интервенција во казненото законодавство и особено во однос на казнената политика, бара сеопфатна и детална анализа и стручна дебата. Такво нешто во овој случај отсуствуваше. Иако постои работна група во рамки на Министерството за правда која работи на нов Кривичниот законик таа беше заобиколена. Дополнително, предлогот на новиот Кривичен законик беше објавен на ЕНЕР во 2022 година, а овие измени во однос на овие три кривични дела не беа предвидени“, велат од Блупринт групата.

Во однос на тоа дека измените се донесени со европско знаменце, од коалицијата на невладини организации велат дека спорните измени ниту се предвидени во европското право ниту пак казнената политика и висината на казните оправдува носење закони во ваква постапка.

„Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општествено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на
кривичното гонење или пак на извршувањето на казната“, велат од Блупринт групата.

Следствено на ова, велат од таму, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.

Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Идентично уредува и Кривичниот законик во членот 3. Со други зборови, како што објаснуваат од Блупринт групата, лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност.

Со вчерашните изгласани измени, значително се намали казната за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор. Понатаму за членот 394 „Злосторничко здружување“ се намали казната до 10 години на казна до најмногу 3 години. Во однос на делото „Несовесно работење во службата“, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета се ограничува максималната казна на 5 години за разлика од сегашното уредување каде максималната казна е 20 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...