И народниот правобранител Зибери ги проблематизира измените во Кривичниот законик

Тие измени во Кривичниот законик се проблематични од аспект на процедурата во која се донесени, многу кратка, без можности за сериозна расправа, а се менуваат одредби кои се многу сензитивни во насока на сузбивање на овој тренд на корупција  во јавниот сектор, изјави Насер Зибери

Фото: Порталб.мк

Народниот правобранител Насер Зибери пронајде проблематични сегменти во измените на Кривичниот законик, кои минатата недела во период од само неколку часа беа усвоени во Собранието на РСМ по скратена постапка и со европско знаменце.

„Тие измени во Кривичниот законик се проблематични од аспект на процедурата во која се донесени, многу кратка, без можности за сериозна расправа, а се менуваат одредби кои се многу сензитивни во насока на сузбивање на овој тренд на корупција  во јавниот сектор“, изјави Насер Зибери.

Тој дополни дека сериозна расправа ќе дадела доволно аргументи дали државата требало да ги преземе овие мерки, односно дали за тие дела треба да бидат намалени казните. Зибери потенцира дека реакциите кои следеа по усвојувањето на измените на Кривичниот законик не одат во прилог на мерката.

За разлика од народниот правобранител, премиерот Димитар Ковачевски и денеска изјави дека измените на Кривичниот законик се направиле за да се усогласи нашето со европското законодавство, по примерот на Германија и Словенија.

„Не може врз основа на општи членови во Кривичниот законик да одговараат само еден или двајца или тројца, а сите други непречено да го користат своето богатството кое е добиено можеби на незаконит начин“, изјави премиерот Ковачевски.

Инаку, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска рече дека кога ќе дошло време за предизборната кампања, неговата партија ќе подготвела оригинално законско решение, со кое ќе се позанимавала со криминалот и корупцијата во Македонија. Мицкоски денеска повеќе детали не откри, но исто како и изминативе денови не посочи зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ја напуштија собраниската сала при гласањето за измените во Кривичниот законик. Со обезбедувањето на кворум, опозициските пратеници овозможија владејачкото мнозинство да ги изгласа измените на Кривичниот законик.