fbpx

Мицкоски и Груевски во жесток клинч – кој е учесник во триаголникот?

Двата поста на Мицкоски и Груевски веќе имаат илјадници лајкови, до 16:30 часот оној на Мицкоски достигна 2.800 лајкови, додека Груевски за само еден час собра 1.100 лајкови, стотици коментари и шерувања на отровните стрели што си ги упатуваат меѓу себе

-

Актуелниот и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски и денеска продолжија да се напаѓаат со меѓусебни преписки преку социјалната мрежа Фејсбук, откако вчера го истрошија првичниот арсенал на зборови еден против друг.

Двата поста на Мицкоски и Груевски веќе имаат илјадници лајкови, до 16:30 часот оној на Мицкоски достигна 2.800 лајкови, додека Груевски за само еден час собра 1.100 лајкови, стотици коментари и шерувања на отровните стрели што си ги упатуваат меѓу себе.

Прво, Мицкоски претпладнево му одговори на Груевски за вчерашниот пост. Актуелниот лидер жали што Груевски се одлучил на чекорот да прави јавна пародија и да служи за дефокус од криминалот на оваа криминална власт.

„Нема потреба од дијалог преку медиумите, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин: Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што направи оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните“, напиша претпладнево на Фејсбук, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека народот ги бира политичарите, а тие пак одговараат пред народот за постапките.

„За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018та, ова е друго време. Како велеше, “вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе”, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, вели Мицкоски.

На ваквата преписка попладнево преку Фејсбук му одговори поранешниот лидер Никола Груевски, кој му порача на Мицкоски дека го направил Зоран Заев најголем пријател и сојузник, додека него го прогласил за непријател.

„Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицковски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука? Се тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа“, го прашува Груевски Мицкоски на Фејсбук.

Груевски вели дека Христијан Мицкоски го нападнал преку најпознатиот германски медиум, иако тој со ниту еден збор или потег не направил раздор досега.

„Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики. Напротив, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина“, додава Никола Груевски.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Мицкоски си ја исполнил повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади кон него, а неговиот говор се свел на рекла-казала фрази од типот „се слуша”, „гласно говорат”, „се фалат” итн.

За караниците меѓу Христијан Мицкоски и Никола Груевски денеска реагираа од СДСМ, кои велат дека немаат намера да се мешаат во меѓусебната пресметка во ДПМНЕ и анти-ЕУ кампот. Од СДСМ порачуваат Мицкоски сам да си ги решава кавгите во ДПМНЕ.

„Особено што токму Христијан Мицкоски треба да одговори за диловите со Груевски. Дали на овој начин Мицкоски ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него? Политиката на блокада на Мицковски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него. За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава. Но, нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицковски е толку нервозен“, соопштија од СДСМ.

Од владејачката партија ДУИ исто така се дистанцираат од внатрепартиската состојба во ВМРО-ДПМНЕ, но и од целата ситуација со „законски измени за поддршка за уставни измени.

„Демократската унија за интеграција будно ја следи големата загриженост во редовите на ВМРО- ДПМНЕ и длабоките поделби што се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација. Оваа внатрешна битка меѓу силите во ВМРО кои се залагаат за интеграција на земјата во Европската Унија и оние кои претпочитаат изолација се одвива на грб на државата и нејзините граѓани“, соопштија од ДУИ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...