Нови можности за македонските научници, професори и студенти преку CEEPUS програмата

Шаќири рече дека информацијата за новиот договор ќе ја сподели со научниците, истражувачките работници, академските професори и студентите со апел да продолжат да создаваат и да користат шанси во рамки на програмата

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Министрите за образование од 16 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија, денеска во Варшава, Полска потпишаа нов договор за продолжување на CEEPUS – Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV, која овозможува мобилност на студенти, професори и научници, како и стипендирање на нивната доедукација и професионална надградба.

Министерот за образование Јетон Шаќири за време на потпишувањето на новиот договор изрази задоволство што соработката продолжува.

Тој рече дека по враќањето во Скопје информацијата за новиот договор ќе ја сподели со научниците, истражувачките работници, академските професори и студентите со апел да продолжат да создаваат и да користат шанси во рамки на програмата.

„Посакувам бројот на воспоставени релации, на реализирани академски размени да расте. Тоа е суштината на оваа соработка, која добива уште повеќе на значење во време кога образованието и науката со голема брзина се интернационализираат, а заедничките дипломи имаат сè поголема вредност“, рече Шаќири, потсетувајќи дека Северна Македонија веќе 18 години е дел од CEEPUS програмата.

Министерот ги повика и научниците, професорите и студентите од другите земји да ја посетат Северна Македонија, затоа што, како што истакна, иако сме мала земја во развој, има што да научат од нас.