fbpx

Мицкоски: Ги прекинуваме сите средби со власта за уставните измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека од овој момент па натаму повеќе нема да зборува за ништо што е поврзано со уставните измени, туку единствената работа која ќе биде тема е да се седне на маса и да се разговара за брзи предвремени парламентарни избори оваа есен

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека од овој момент па натаму повеќе нема да зборува за ништо што е поврзано со уставните измени, туку единствената работа која ќе биде тема е да се седне на маса и да се разговара за брзи предвремени парламентарни избори оваа есен.

Извршниот комитет на најголемата опозициска партија, рече Мицкоски, едногласно одлучил да ги стопира сите средби со власта.

„Ние веќе година дена ги очекуваме уставните измени бидејќи ако се сеќавате уште од минатата година јули месец почна оваа драма околу уставните измени, па требаше есента, па зимото 2022, па префрлија во февруари, па не февруари туку мај, па јуни и јули еве дојде така што континуирано имаме еден процес на одложување, а процесот на одложување значи дека тие немаат поддршка што го прифатија без да ја консултираат опозицијата и без да го консултираат македонскиот народ“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Штип.

Тој рече дека имало многу можности за национален консензус и за излез од оваа состојба.

„После една година можам да им кажам и на Ковачевски, Османи, Маричиќ и останатите дека повеќе нема ништо на маса. Има само една работа а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите. Кога ќе бидат изборите, како ќе бидат изборите, на кој начин со техничка Влада, немање техничка Влада или се она кое што е поврзано со изборите“, кажа Мицкоски.

На 7 јуни годинава претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски на лидерска средба разговараа за уставни измени, но рекоа дека ќе се разгледуваат опциите како да се изведат. По ова, следуваа голем број изјави и различни информации за тоа како двајцата лидери и двете партии ги протолкуваа разговорите. Власта постојано тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени, додека опозициската партија убедуваше дека не е така и дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат и во вакви услови.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски најави дека уставните измени сепак ќе бидат поднесени во Собранието.

„Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедура за истите во Собранието, таму каде што ѝ е местото“, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.