fbpx

Ескобар: Курти ќе ја пропушти шансата ако не се координира со европските партнери

Специјалниот претставник на САД рече дека има „позитивни индикации“ дека Белград може да го прифати Планот за нормализација на односите, но дека не може да го каже истото за косовскиот премиер Албин Курти

-

Заменикот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, рече дека европскиот план за Косово е добар и дека „не одговара на ниту една страна“. Тој додал дека косовскиот премиер Албин Курти ќе ја „пропушти можноста“ доколку не се согласи да го спроведе планот и да се координира со своите партнери.

Ова го изјавил Ескобар синоќа во разговор со хрватските новинари во Загреб пред заминувањето на годинешниот Дубровнички форум, пренесе агенцијата Хина и српските медиуми.

Хина потсетува дека Србија и Косово го прифатија Европскиот план за нормализација на односите во февруари, а Анексот за спроведување на тој договор во март во Охрид. Агенцијата наведува дека немирите на северот на Косово во мај го загрозиле спроведувањето на план.

„Нередите избувнаа откако градоначалниците, етнички Албанци, со помош на полицијата, по налог на Приштина, стапија на должност по локалните избори, кои беа бојкотирани од мнозинството Срби, а излезноста беше само 3,4 отсто“, пишува Хина.

Специјалниот претставник на САД рече дека има „позитивни индикации“ дека Белград може да го прифати Планот за нормализација на односите, но дека не може да го каже истото за косовскиот премиер Албин Курти.

„Се надеваме дека (Курти) во одреден момент ќе го исполни европското и американското барање“, рече Ескобар.

На прашањето какви последици тоа би можело да има за Косово и дали една од нив би било повлекувањето на КФОР, Ескобар рече дека „таа можност не е на маса“.

„Нашето партнерство со Косово е партнерство со народот на Косово, а не со една партија или со една политичка фигура“, рече Ескобар.

Тој нагласи дека последица од неприфаќањето на европскиот план е изгубена шанса.

„Тоа не е казнена мерка, тоа е пропуштена шанса. Ова сега му се случува на Косово бидејќи не се координира со своите партнери“, додаде Ескобар.

Во меѓувреме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, од кој, како што напиша на својот профил на Инстаграм, побарал да вложи дополнителни напори за приштинската страна да се вразуми и да се врати во рамката на конкретни разговори.

„Како и секогаш, имав отворен и сериозен разговор со претседателот Емануел Макрон, кому му ги претставив последиците од опасниот развој на ситуацијата на Косово“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Тој оцени дека „сега нескриеното насилство насочено против Србите на Косово сè поочигледно ја отстранува секоја можност за цивилизиран развој и пристап кон решавање на отворените прашања“.

Тој напиша и дека Србија останува посветена на дијалогот и зачувувањето на мирот, иако „српската заедница во Косово е единствената етничка група во Европа која е изложена на постојано насилство“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...