fbpx

Нема да го собереме сметот додека не се вратат на работа отпуштените колеги, велат вработени во Комунална хигиена

Вработените во Комунална хигиена во Скопје вчера вечер протестираа во знак на револт кон раководството бидејќи, како што велат, отпуштени биле десетици вработени, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж, пренесува Порталб.мк

-

Вработените во Комунална хигиена во Скопје вчера вечер протестираа во знак на револт кон раководството бидејќи, како што велат, отпуштени биле десетици вработени, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж. Како што рекоа, сè додека нивните колеги не се вратат на работа и не се исполнат нивните барања, нема да излезат на терен да го соберат сметот, пренесува Порталб.мк

 

Десетици вработени во Комунална хигиена вчера вечер не излегоа да го соберат сметот во знак на револт кон раководството на Комунална Хигиена, бидејќи без никаква причина на десетици нивни колеги не им се продолжени договорите. Меѓу отпуштените од работа, според вработените, е и претседателот на Синдикатот на Комунална хигиена, Дели Дардишта, со над 30 години работно искуство. Според нив, само во текот на вчерашниот ден отпуштени се 7-8 лица кои биле со решение за вработување, додека пак завчера отпуштени биле 40 лица. Меѓу другото, тие потенцираат дека други 50 вработени добиле опомена за отказ бидејќи протестирале пред една недела. Тие се жалат дека директорката ги гледа снимките од безбедносните камери и дека му дели отказ на секој кој ќе го види дека учествува на протестите.

„Десет години работам со договор и без никаква причина ме отпушти. Вработените тука немаат поддршка од никого, ниту од Град Скопје ниту од Владата. Како е можно владините функционери да добијат 78% покачување на платите, а ние ништо, кога цел ден го поминуваме сред смет. Бараме поддршка и од граѓаните. Два дена ако не излеземе да го исчистиме ѓубрето, ќе видите како ќе биде. Прво на нас треба да ни се зголемат платите, а потоа и на другите. И ние сакаме да ни се зголемат за 78%, бидејќи и ние имаме деца, не само тие. Сè додека не се исполнат нашите барања, нема да попуштиме и нема да излеземе на терен. Нека дојде и премиерот и градоначалничката на Скопје и кој сака нека дојде, но сè додека не се исполнат нашите услови, ние нема да излеземе на терен“, рече еден од отпуштените работници.

„Претседателот на синдикатот беше отпуштен од работа само затоа што застана зад нас работниците, без никаква причина. Просечната плата овде е 20.000 денари, под минималната. Ако ги одземам парите за храна и патните трошоци, платата ни е 15.000 денари. Со 40 години стаж не може да ме отпуштат, нека ме стават во затвор, освен леб за јадење не барам ништо друго. Ние ја работиме нашата работа. Спремни сме, нека се исполнат барањата, и ние веднаш ќе излеземе“, изјави за Порталб.мк еден од вработените.

„Оние кои ги отпуштија мора да ги вратат, во спротивно нема да излеземе на терен. Без да се вратат Дели и Ајдин (претседателот на синдикатот и уште еден вработен), вратата нема да се отвори. Нека ни ги исполни бараните услови, она што го заслужуваме, или нека даде оставка. Нека дојдат и тие други работници од администрацијата, бидејќи две недели сме под стрес“, изјави друг вработен.

Во меѓувреме, вработените ги посети првиот човек на Синдикатот на СУТКОЗ, Столе Кашиковски, чиј дел е и Синдикатот на Комунална хигиена.

„Сакам да им порачам на колегите од Комунална Хигиена Скопје дека од страната на Синдикатот на СУТКОЗ каде што припаѓаат ќе имаат целосна поддршка, вклучително и правна, но и секаков вид поддршка и ќе побараме барањата да ги решиме со преговори и во средба со директорката, а за следните чекори ќе одлучат телата и органите во Комунална Хигиена и нашите органи во СУТКОЗ“, рече Кашиковски.

Тој упати и порака до директорката на Комунална хигиена Скопје, Косана Мазнева, дека „мора да постапи согласно законите во државата, да го почитува Законот за усогласување на платите и да ги зголеми платите во Комунална хигиена Скопје, но и да ги исплати и другите обврски согласно колективниот договор“.

Што се однесува на претседателот на Синдикатот на Комунална хигиена, Кашиковски рече дека синдикалниот претставник не може да да биде повикан на одговорност.

„Меѓутоа, јас конкретно не видов документ за да можам да ви кажам. Ако е отпуштен од работа, ние како СУТКОЗ апсолутно ќе преземеме нешто. Јас реков дека ќе им дадеме целосна правна поддршка“, рече тој.

Тој додаде дека има информации, но непотврдени, дека во текот на завчерашниот ден не биле продолжени договорите на вработените кои биле ангажирани преку агенцијата за привремени вработувања.

„Сепак, не би сакал да зборувам за тоа во моментов бидејќи немам точен список за да покажам за колку луѓе се работи. Верувам дека ќе бидеме исконтактирани од страна на директорката во понеделник за да видиме за што се работи“, рече Кашиковски, кој по изјавата разговараше со вработените, кои му ги кажаа своите барања.

Работниците и понатаму се во дворот на Комунална хигиена во исчекување на исполнување на нивните барања.

Во редакцијата на Порталб.мк стигна и дополнително соопштение на кое пишува дека Комуналната хигиена отпуштила од работа, односно не им ги продолжила договорите на повеќе од 100 работници.

Порталб.мк се обрати до скопската Комунална хигиена во врска со овие прашања, но одговор од сè уште нема, а директорката Мазнева не се јавува на телефон.

Во текот на август и ноември 2022 година Мазнева отпуштила 112 лица со образложение дека не се редовни на работа. Според проверките на Порталб.мк, најголем број од нив биле Албанци.

Порталб.мк тогаш разговараше со четворица вработени во Комунална хигиена, кои рекоа дека причината за нивното отпуштање е „замената со партиски послушници“.

Косана Мазнева беше назначена за директорка од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на 12 јули 2022 година  по разрешувањето на тогашниот единствен директор Албанец на јавните претпријатија на Град Скопје, Зуди Кока, поради инцидентот за време на антиевропските протести во Скопје, кога неговиот брат пукаше со огнено оружје во плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Автори: Суад Бајрами и Фатон Цури

Вработените во Комунална преку предупредувачки протест ги бараат своите права, Мазнева им повикала полиција

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...