fbpx

Мицкоски: Потребно е рестартирање, потребен е нов правец

Во својот говор Мицкоски рече дека на состаноците со претставниците на Меѓународната заедница „не се читало поезија“ сакајќи да каже дека постоеле притисоци за прифаќање на измените на Уставот

-

„Власта удри во ѕид, потребно е рестартирање. Потребен е нов правец“, рече Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција на која повтори дека единственото решение во моментов за земјата се избори. Прес-конференцијата на Мицкоски беше организирана како реакција на собраниската расправа за измена на Уставот која заврши вчера, но седницата беше прекината пред да се случи гласањето.

Во својот говор Мицкоски рече дека на состаноците со претставниците на Меѓународната заедница „не се читало поезија“ сакајќи да каже дека постоеле притисоци за прифаќање на измените на Уставот.

„Слушам дека од власта си се тешат и си прават математики дека вратата за уставни измени ја оставиле отворена преку намерното не завршување на седницата, и дека меѓународната заедница сега би притиснале иако немојте да мислите дека изминатите повеќе од година дена читавме поезија на тие состаноци, наспроти јасната волја на народот и би извршиле некаков си упад во демократијата, со притисоци, закани, уцени и разни други форми“, рече Мицкоски.

Според него, нема цена по која тие би ги прифатиле уставните измени и не треба да се троши ниту секунда повеќе на ова прашање. Но, иако лидерот на опозицијата самиот посочи дека најчестото прашање е што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ, не даде конкретен одговор, туку само повтори дека единственото решение се изборите.

„Нашите црвени линии и нашата борба за гаранции во однос на прашањето со Бугарија се јасни. Ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори“, рече Мицкоски без да прецизира.

Тој потоа додаде оти нема илузии дека „сепак одлучувачка е математиката на гласови на пратеници во Собранието која за жал сè уште е во полза на власта“.

„Затоа е реално беспредметно секое гласање на доверба кое одново може да заврши со киднапиран пратеник кој ќе си го бара срцето и разумот некаде во светот, како што и се случи“, рече Мицкоски.

Во својот говор тој рече оти е лага дека ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ.

„… мнозинството на народот и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено сме за влез на Македонија во Европската Унија, затоа што тоа е нашиот единствен пат“, рече Мицкоски, и додаде „но не по цена на себе одрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања“.

По прес-конференцијата, соопштение испрати и владејачката СДСМ, од каде повторија дека „Мицкоски е против ЕУ и сака да ја блокира европската иднина на земјата“.

„Членството во ЕУ не е политичка игра. Се работи за иднината на државата, за исполнување на стратешка цел и врвен национален интерес“, посочија од таму.

Наговестуваќји дека можноста да се одржат предвремени избори е ниска, од СДСМ велат оти нема да подлегнат „на вакво неодговорно и недржавничко однесување на Мицкоски“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.