Играта со старословенска митологија Black Book е бесплатна на Epic Games до 24 август

Приказната во играта се базира на премисата дека девојка по име Василица која има потенцијал да стане „вештерка“ е одгледана од дедо што практикувал магии за да им помага на мештаните

Black Book скриншот од трејлерот за играта
Black Book скриншот од трејлерот за играта

Играта со старословенска митологија Black Book е бесплатна на Epic Games до 24 август (Четврток). Можете да ја преземете бесплатно до тогаш, но со предупредување дека е оцената како „неприкладна за сите возрасти“.

Секако дека играта е фантазиска и сите ритуали, магии и повикување демони се во доменот на имагинарното. Ова треба особено да им се потенцира на помладите генерации за да имаат здрава перцепција за работите. Во смисла дека секоја ритуална практика религиозна или магиска е реално неделотворна, освен можеби што може да влијае на психолошки план-најчесто како страв од непознатото. Оттука, ја препорачуваме книгата „Златна Гранка“ од Џорџ Фрејзер која ги демистифицира дилемите за таканаречената „магија“.

Оваа игра е комбинација на авантура и игра со карти но и вид на turn based RPG игра. Приказната во играта се базира на премисата дека девојка по име Василица која има потенцијал да стане „вештерка“ е одгледана од дедо што практикувал магии за да им помага на мештаните. Но, таман да се омажи, од непознати причини нејзиниот свршеник си го одземал животот и таа сака да стане вештерка за да го врати момчето од пеколот.

Во играта фигурира словенската митологија но има и големи примеси од православното христијанство. На пример, една од картите што ги отклучувате при првата авантура е „Свети Ѓоргија“ кој ве штити и ви дава сила во битка. Има карта буквално наречена „Игла“ со цртеж од игла за шиење.

Старословенската митологија е пребогата со секакви интересни приказни и бајки, а оваа игра е варијација но и сублимат од неа, што кај нас ќе наиде на позитивна рецепција кај гејмерите и гејмерките. Играта има редовна цена од 25 евра, а сега е беплатна на Epic Games.