Илон Маск ќе ја ограничи функцијата за „блокирање“ на Х, порано познат како Твитер

Маск во повеќе твитови рече дека функцијата за блокирање „нема смисла“ и дека ќе биде „избришана како функција“, освен за ДМ

Фото: Принтскрин, Х профил на Илон Маск

Илон Маск во петокот објави дека функцијата за блокирање ќе биде многу ограничена на социјалната мрежа X, порано познат како Твитер, со што ќе се отстрани функцијата која долго време се сметаше за заштита од вознемирување, објави Вашингтон пост.

Маск во повеќе твитови рече дека функцијата за блокирање „нема смисла“ и дека ќе биде „избришана како функција“, освен за ДМ. Тој ова го напиша во одговор на твитот од Силиконската долина на сопствениците на Тесла (Tesla Owners Silicon Valley), сметка што претставува клуб на сопственици на Тесла, од каде прашаа дали има разлика помеѓу блокирање и мутирање.

Блокирањето на корисникот на платформата го спречува тој корисник да комуницира со сметка – како на пример да гледа твит на корисникот, да го цитира неговиот твит или директно да му се обраќа. Блокираниот корисник знае дека е блокиран. Во меѓувреме, мутирањето на сметката го спречува корисникот да ги гледа објавите на сметката. Исклучените сметки не знаат дека некој ги „мјутнал“.


Не е јасно кога промената ќе стапи на сила – или дали функцијата може да се отстрани без да се прекршат условите за користење на сервисите за мобилни апликации на Apple и Google, кои бараат апликациите да обезбедат можност за блокирање на корисниците.

Поради оваа причина, Ева Галперин, директорка за сајбер безбедност во Фондацијата Electronic Frontier, рече дека Маск всушност нема да го реализира ова.

„Ако вашата апликација прикажува содржини создадена од корисници… треба да им дадете можност да ги блокираат навредливите корисници“, рече таа за Вашингтон пост.

X не одговори на барањето за коментар на Вашингтон пост. Исто така, и Гугл и Епл не одговориле сè уште на барањата за коментар.

По објавувањето, некои корисници на платформата на Маск напишаа дека ограничувањето на функцијата за блокирање ќе доведе до поголемо вознемирување на платформа која веќе се бори да ја заузда злоупотребата.

„Отстранувањето на функцијата за блокирање ефективно би го направило вознемирувањето официјална карактеристика на Twitter/X, одземајќи го единственото ограничување што може да го намали влијанието на вознемирувањето“, твитна во петокот Тања Бултман, историчар од Универзитетот Стратклајд во Глазгов. „Крајно игнорантна и привилегирана перспектива е да се мисли дека блокирањето нема смисла“, додава таа.

Од официјалниот профил на Меморијалот и музеј Аушвиц-Биркенау во Полска објавија на Твитер дека ја користат функцијата блок за да ги ограничат антисемитските одговори на твитови во чест на жртвите од концентрациониот логор.

„Платформата што ја занемарува потребата да се брани споменот на жртвите покажува непочитување за создавање на емпатична онлајн средина“, напишаа во петокот администраторите на овој профил.

Таквата промена би претставувала најнов пример за тоа како Маск ја трансформира платформата што ја купи за 44 милијарди долари во октомври лани, вклучително и мерки за намалување на безбедноста на корисниците. Набргу по преземањето на платформата, Маск врати многу претходно забранети сметки, вклучувајќи ја и онаа на поранешниот претседател Доналд Трамп. Тој, исто така, ја намали довербата и безбедноста на персоналот, и го распушти советот кој со години се обидуваше да ја направи социјалната мрежа побезбедна и пограѓанска.

Тие промени беа придружени со скок на онлајн малтретирањето, вклучително и кон етничките и верските малцинства надвор од Соединетите држави. Во март, анализа на Вашингтон пост покажа дека платформата го зајакнува говорот на омраза преку нејзината страница со препораки.

Минатиот месец, Маск ја ребрендираше компанијата во X, со визија да се претвори во „апликација за сè“.

Одговарајќи на реакцијата, Аквиил Микдад, девелопер во X, во твит рече дека, во отсуство на блокирање, функцијата за мутирање може да се направи „посилна“ со додавање функции на блокирање, како на пример спречување на луѓето да одговараат на твитови или да ги ретвитаат — и со префрлање на блок листи во листи за мутирање.

Маск го промовираше твитот на Микдад и одговори: „Хаос поради ништо“, проследено со емоџи со плачење.

Но, Трејси Чоу, инженерка која создава софтвер за борба против вознемирувањето преку Интернет, рече дека таквите модификации ќе ја уништат функцијата за мутирање.

„Големата моќ на „мјут“ денес е тоа што тоа е начин да се заштитите од друга личност без таа да знае дека сте го направиле тоа“, изјави Чоу за „Д Пост“. „Ако на личноста ѝ е очигледно дека сте ја мјутнале, таа ќе најде нови начини да ја ескалира ситуацијата, исто како што прават со блокирањето денес“.