И партиите го одбележаа Илинден, за Мицкоски денешната борба е за достоинство

Активности по повод одбележувањето на Илинден имаа двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а честитки по повод одбележувањето на празникот упатија и од движењето на Максим Димитриевски, ИНТЕГРА и Левица

-

Политичките партии денеска го одбележаа Денот на Републиката – 2 Август, при што нејзините претставници не пропуштија да испратат и дневнополитички пораки до граѓаните. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Мечкин Камен во Крушево на граѓаните им го честиташе државниот празник Илинден, велејќи дека тој претставува темел на нашиот идентитет и борба за државност.

„И денеска македонскиот народ, граѓаните во Македонија покажуваат пркост и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина. Тоа е онаа порака која што денеска од мое име од името на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од ова место од Мечкин Камен ја упатува до сите граѓани во Македонија“, изјави Христијан Мицкоски.

Тој рече дека од претставниците на власта граѓаните денес ќе слушнат многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите, тие под маса договорале дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија.

„Кога граѓаните во Македонија се единствени, дури ни таков тип на политичари немаат никаков ефект и ништо не можат да направат. Само единствени ќе дојдеме до посакуваната цел, а тоа е Македонија која што ќе биде просперитетна, Македонија мајка на сите граѓани, развиена, Европска земја“, изјави Христијан Мицкоски.

Делегациите на ВМРО-ДПМНЕ покрај на манифестацијата на Мечкин Камен, учествуваа со полагање на цвеќе и на свеченостите организирани во Скопје и во Пелинце, како и во струшкото село Ташмаруништа.

Делегација на владејачката партија СДСМ предводена од генералниот секретар Миле Зечевиќ, по повод 2 август – Денот на Републиката положи свежо цвеќе и оддаде почит на Споменикот на Мечкин Камен во Крушево, на гробот на Никола Карев – Македониум и на споменикот на хероите на месноста „Слива“.

„По 903-та, 44-та, 91-та, европскиот столб ќе биде нашата четврта македонска република. Заедничка татковина на сите кои живееме и бескрајно ја сакаме. Врз делата и наследството на нашите херои, илинденци, партизани, партизани, преродбеници…на сите кои се вградиле во темелите на државноста. Врз идеалите на Крушевската република, антифашистичката борба, создавањето на современата македонска држава. Членството во ЕУ е нашиот нов, 4-ти Илинден“, порача генералниот секретар на СДСМ, Зечевиќ.

Делегации на СДСМ положија цвеќе и им оддадоа почит на загинатите и во Скопје, на централната манифестација што се одржа на Скопското Кале, како и пред трите спомен обележја во центарот на Скопје, но и во Пелинце.

Делегација од Општина Куманово предводена од градоначалникот Максим Димитриевски, положи свежо цвеќе пред споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, каде се одбележа чествувањето на големиот државен празник 2 Август –Денот на Републиката.

„Денеска одбележуваме 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ, оддавајќи им почит на нашите предци, кои нѐ задолжија со своите херојски дела, поставувајќи ги темелите на современата македонска држава. Одговорност на секој од нас е да ја чуваме татковината. Да ја браниме Македонија во духот на македонскиот непокор, на слобода, демократија и општествени вредности“, порача во честитката од кумановскиот градоначалник Димитриевски.

Честитки по повод одбележувањето на Денот на Републиката упатија и политичките партии Левица и ИНТЕГРА. Прославувањето на Илинден денеска се одвиваше и во странство од страна на македонската дијаспора.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...