fbpx

Логото со жаба на прехранбените производи нема врска ниту со Бил Гејтс, ниту со „златната милијарда“

Жабата во логото има симболично значење како биоиндикатор за здрава животна средина и нема никаква врска со „златната милијарда“ – стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад

-

Логото на Алијансата за дождовни шуми не е златна отровна жаба, туку црвеноока дрвенеста жаба. Жабата во логото има симболично значење како биоиндикатор за здрава животна средина и нема никаква врска со „златната милијарда“ – стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад. Исто така, ова лого не е поврзано ниту со Бил Гестс и сосема погрешно се тврди дека производите коишто го имаат овој печат се негови, пишува Вистиномер. 

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук, споделена во група со 51 илјада членови, содржи фотографии од различни брендови со логото на Алијансата за дождовни шуми и фотографија на српски јазик на која пишува дека жабата во логото, всушност е најотровната жаба на светот која може да убие помеѓу 10-20 луѓе.

Во описот, пак, на самиот пост се вели:

Моја пријателка дојави, стигна отровот на бил гејц во Германија. Нема да запрат додека не ја направат златната милијарда. До нас е дали ќе се бориме или ќе нѐ уништат шака луѓе

Спротивно на тврдењето испишано на фотографијата – дека на логото на Алијансата за дождовни шуми  има златна отровна жаба, се работи за црвеноока дрвенеста жаба. Таа може да се најде често во неотропските региони, што се наоѓаат во Јужна Америка, каде што основачите на Алијансата пред 30 години започнале со работа со цел да ги заштитат тропските дождовни шуми. Така што, жабата во логото има симболично значење.

Патем, овие животни се сметаат за биоиндикатори за здрава животна средина. Па, тоа што одредени брендови го содржат логото воопшто не значи дека се наменети за контрола на популација. Всушност, логото означува дека за производот се користени методи кои ги подржуваат трите столба на одржливост: социјален, економски и еколошки столб. Независни ревизори ги оценуваат земјоделците во однос на барањата во сите три области пред да доделат или обноват ваков сертификат. Целта е преку печатот-логото купувачот да биде информиран за производите кои придонесуваат за подобра иднина на планетата и луѓето.

Потоа објавата, исто така, неточно тврди дека филантропот Бил Гејтс е одговорен за „отровот“, односно дека производите коишто го имаат овој печат се негови.  Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс има само еднаш донирано грант на Алијансата за дождовни шуми во 2007 година – сума од 5.343.025 долари за развивање на агрикултурурата, со период на имплементација од 53 месеци. Така што, тврдење во постот е  целосно неосновано. Вистиномер неодамна рецензираше слична објава со кој ги поби ваквите тврдења.

Што се однесува до споменувањето на „златната милијарда“, станува збор за стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад.

Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин,  но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина. Во тој контекст Путин, лани во јули, во говорот во Москва кажа:

Моделот на целосна доминација на таканаречената златна милијарда е неправеден. 

Веднаш потоа тој запраша:

Зошто оваа златна милијарда од целото население на земјината топка да доминира над сите и да наметнува свои правила на однесување?

Инаку, Бил Гејтс е многу често предмет на најразлични теории на заговор, вклучително и на оние за наводна депопулација, кои се дебанкирани во повеќе рецензии на Вистиномер

Гледано во целина, оваа вирална објава којашто во моментот на нашата рецензија има над 100 споделувања и коментари, е конфузна, манипулативна, шири неточни, па и нелогични тврдења, создавајќи притоа целосно искривена слика во јавноста.

Според сите наведени факти, постот што го рецензираме во кој се тврди дека логото на Алијансата за дождовни шуми се употребува за да се оствари целта на „златната милијарда“, го оценуваме како невистинит.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...