Денес, на Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
„Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку и за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена“, изјави претседателот Пендаровски.
Пендаровски во обраќањето рече дека три-четвртини од делегатите на АСНОМ биле помлади од 40 години. Речиси половина делегати биле помлади од 30 години.
„Просечната возраст во свечената манастирска сала била 31 година, точно толку колку што живеел и Делчев. Нашите народни херои, на почетокот на НОБ во 1941-та биле со просечна возраст од само 21 година. Затоа и ветеранот Брашнаров ѝ се обратил на „младата македонска војска“, а Манифестот на АСНОМ им посветил цело поглавје на младите, велејќи дека низ борбата се создава „поарна младинска иднина“ и дека на младите останува да ги спроведат решенијата на АСНОМ и да ја изградат слободна Македонија“, рече Пендаровски.
Претседателот посочи дека младите биле вистинските двигатели на двата Илиндена, при што ние денес имаме слободна македонска држава благодарение на младата антифашистичка генерација.
Пендаровски истакна дека денес младите се загрозено малцинство во земјава.
„Уделот на младите луѓе во вкупното население опадна од 28% во 1970 на само 16% во 2021 година. Ние, за жал, веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030 година“, изјави Пендаровски.
Претседателот дополни дека со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу брзо да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање.
„Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се успори со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме“, изјави Пендаровски во својот говор на Пелинце.
Инаку, во рамките на одбележувањето на Илинден, македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска положи цвеќе пред спомен-плочата посветена на првото државотворно заседание на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчински, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ.