!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата подготви закон за амнестија


Скопје, 19 септември, 2017 - 20:45 (META) 

Владата на својата денешна, 28. седница, го разгледала и го усвои предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во Владата да ги обезбедат условите за увид во предлог-текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност, соопшти владината служба за информирање.

Предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонијa (ЕНЕР).

Овој закон е привремен и ќе се однесува на точно определени временски одредници. Министерот за правда, Билен Саљији, објаснил дека со предложениот текст на законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и за кривични дела против државата (член 305-327), како и за злосторничко здружување и кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

На денешната седница е презентирана информација со предлози за справување со високото ниво на загадување на воздухот во текот на летниот период и во текот на целата година.

Донесена е и одлука за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во детските градинки, односно зголемување за 2 отсто на платата на вработените во нив, почнувајќи од октомври. Истовремено биле усвоени и предлог-уредбите за критериумите за распределба на блок-дотации за детски градинки по општини за 2018 година и за распределба на блок-дотации за јавните установи за домови за стари лица за 2018 година.

Донесена е и одлука со која се укинува надоместокот за испорака на информации од јавен интерес, во вид на електронски запис на информацијата на УСБ, или на е-маил адреса на барателите.


Општините Сопиште и Чешиново-Облешево добија грантови од ИПА-програмата


Скопје, 22 јуни, 2017 - 12:56 (META) 

Општините Сопиште и Чешиново-Облешево денеска добија грантови во вкупен износ од 237.733 евра од ИПА-програмата на Европската Унија.

– Денеска потпишуваме договори за изградба на детска градинка во Општина Сопиште и за изградба на локални улици и за подобрување на водоснабдувањето во Општина Чешиново-Облешево. Изградбата на инфраструктура во руралните средини е еден од приоритетите на реформската влада. Вложувањата во изградба на градинки, училишта, патишта и во енергетика се вложувања во трајни добра од кои директна корист имаат граѓаните. Тие придонесуваат за одржлив економски и социјален развој и воедно ги намалуваат разликите помеѓу урбаните и руралните заедници – изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека ИПА-програмата за рурален развој е од особена важност за Македонија, при што е предвидено е да бидат доделени 20,7 милиони евра во различни општини во земјава.

Тевдовски рече дека како министер за финансии ќе се заложи да има поголема искористеност на фондовите што Европската Унија ни ги дава на располагање.