Од отворањето на градинките досега имало 18 деца и 55 вработени лица што биле позитивни на тестирањето за ковид-19. Евидентно е дека последниве две недели нивниот број се зголемува, истакна денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

„За периодот од 9 до 16 октомври имаме дополнителни 6 дечиња и 21 вработен во градинките кои се позитивни на ковид-19. Трендот на позитивни случаи е како и целата епидемиолошка состојба во државата“ изјави министерката Шахпаска, додавајќи дека согласно денешниот датум, 309 деца се во изолација.

Таа истакна дека состојбата со децата и вработените е добра и нема хоспитализирани. Како што нагласи министерката, будно ќе ја следат епидемиолошката состојбата и заедно со Министерството за здравство и останатите засегнати институции ќе носат заеднички одлуки во однос на тоа дали ќе се затворат градинките.