фото: МТСП
Фото: МТСП

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) на дневно ниво ја следи состојбата со пандемијата со ковид-19 во градинките. Анализата покажува дека сместувањето во градинките е безбедно и дека нема внатрешна трансмисија на вирусот. Според досегашните информации, минимален е бројот на заболени деца од корона вирус и не бележи тенденција на раст.

Ова денеска го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на средбата со претставнички на мајки кои се на породилно отсуство. Се разговараше за состојбата за упис на децата во градинките, како и за потребата општините и директорите на градинките соодветно да го раководат процесот на прием на деца, за да се овозможи целосно искористување на капацитетите во градинките.

Во однос на барањето за продолжување на породилното отсуство, Шахпаска информираше дека, со оглед на стабилната состојба во градинките, како и поради фактот што вработените во градинките беа приоритетно вакцинирани, МТСП достави писмен допис до Комисијата за заштита од заразни болести со кој предлага да се разгледа можноста за зголемување на бројот на деца во градинките.

Според Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по престанување на вонредната состојба, предвидено е воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца, додека другите групи да имаат по најмногу 15 деца.

„Доколку биде прифатен нашиот предлог, дополнително ќе се зголеми капацитетот на градинките, ќе можат да се примат повеќе деца, со што ќе се обезбеди грижа за децата особено во оние семејства каде што и двајцата родители работат или пак се самохрани родители“, рече Шахпаска. Таа додаде дека за само седум месеци отворени се нови 11 градинки со опфат на нови 670 деца, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 13, со дополнителни 1.408 места за деца од предучилишно образование.