понеделник, 15 јуни, 2026
Meta.mk

Топланите бараат зголемување на цената на парното, РКЕ наредната недела ќе одлучи за колку

Сите компании кои испорачуваат топлинска енергија бараат зголемување на цената на парното греење за претстојната грејна сезона. Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) информираат дека ги добиле нивните барања. Според нив, ЕСМ Енергетика бара зголемување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите за 64,79 отсто, Скопје-Север за 15,54 отсто, а БЕГ за 1,82 отсто.

Регулаторите во моментов прават анализи на доставените барања, во вторник ќе имаат подготвителна седница, а на крајот на следната недела ќе одлучуваат и ќе ја донесат конечната одлука за процентот за кој ќе биде корегирана цената на парното.

Како што посочи претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, на денешната средба со новинарите, до крајниот рок, 31 мај годинава, трите компании на централниот систем за греење ги доставиле своите барања до регулаторите.

Новата цена на парното што ќе ја определи РКЕ ќе биде со важност од 1 август.

Минатата година немаше барања од компаниите за зголемување, односно цената на парното за скопјани остана иста.

Од РКЕ информираат и дека, цената на природниот гас на светските берзи бележи раст од 50 отсто, а таа учествува со 70 отсто во одлуката за крајна цена што се плаќа за парно греење.

„Во моментов цената на природниот гас на светските берзи бележи значителен раст за повеќе од 50 отсто, во однос на минатата година, кога се носеше одлука за цената на парното“, рече Бислимовски.

На системот на централно греење во Скопје на трите компании приклучени се околу 60.000 станови.

Порталб.мк: Ски центарот „Попова Шапка“ чека нов инвеститор чие име не се открива

Останува нејасно кој ќе биде инвеститорот кој, според најавите на премиерот Зоран Заев од пред два месецa, ќе ја добие концесијата за следните 99 години за ски-центарот „Попова Шапка“. Инвеститорот е засега непознат и не се знае ниту дали има потпишано договор со застапник од Северна Македонија. Од извршната власт велат дека тој работи на подготовка на проектот, но не го откриваат неговото име, ниту дали истиот ја има добиено концесијата, пишува Порталб.мк.

„Што се однесува до стратешката инвестиција во ски-центарот „Попова Шапка“, ве известуваме дека постапката е во тек. Во моментот, инвеститорот работи на подготовка на проектот“, велат од Владата за Порталб.мк.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој постојано го посетуваше ски-центарот и ги најавуваше инвестициите во „Попова Шапка“, не одговори на нашиот телефонски повик, а не одговори ниту на пораката со прашање: Дали е одлучено на која компанија ќе ѝ биде доделена концесијата?

Портпаролката на Бектеши ни рече дека Министерството за економија не е одговорно за ова прашање, бидејќи тие не даваат концесии. Сепак, рече дека ќе се консултира со соодветните лица, за да одговори на прашањето на кое министерот не даде одговор.

Од ЕЛЕМ Турс, компанијата која во моментов управува со „Попова Шапка“, рекоа дека тие немаат овластување да се мешаат во тоа кој ќе го добие ски-центарот, и дали ќе биде со концесија или не.

Кон крајот на мај премиерот Зоран Заев најави дека во Националната стратегија 2021-2027 година, вклучена е ревитализацијата на центарот „Попова Шапка“. Договорот е во завршна фаза и предвидува доделување на 99-годишна концесија на европски инвеститор, чие име останува „доверливо“.

„Во завршна фаза сме за да постигнеме конечен правен договор за ски-центарот „Попова Шапка“ во износ од 50 плус 50 милиони евра. Проектот е во согласност со Законот за јавно-приватно партнерство за концесии или стратешки инвестиции, зависно од последната фаза на договорот. Суштината е да се дадат концесии на 99 години на еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа, чие име сè уште останува доверливо. Редно е инвеститорот сам да го објави тоа кога ќе се донесе одлука. Среќни сме за оваа инвестиција, бидејќи ќе донесе нова димензија на зимскиот туризам“, рече Заев.

Инвестиции во „Попова Шапка“ во износ од 30 милиони евра беа најавени во 2012 година од тогашниот премиер Никола Груевски. Тој најавуваше дека проектот ќе се спроведе во неколку фази и дека ќе биде објавена понуда за наоѓање меѓународен инвеститор.

Инвестиции за „Попова Шапка“ имаше најавено и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој рече дека инвеститор од Катар е подготвен да инвестира во овој туристички центар.

Кафулињата „Гнездо“ и „Интермецо“ добија решенија за намалување на бучавата, потоа следуваат и казни

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар соопштува дека продолжува со мерењата и со теренските контроли на гласноста во угостителските објекти во оваа општина и донесува решенија за преземање мерки.

Овластените општински инспектори за животна средина, заедно со одговорните лица од овластената лабораторија за мерење на бучава, деновиве се повторно на терен.

„По извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатираа повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23:00 часот, а уште два локала, „Гнездо“ и „Интермецо“, добија решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина. По добивањето на решенијата, угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по нив“, стои во соопштението на Секторот за инспекциски работи.

Се додава дека минатата седмица општинските инспектори издале две решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата за два угостителски објекта, „Мош“ и „Макка“, како и дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови, во сите делови од општината.

Од Општина Центар апелираат до сите управители и сопственици на угостителски објекти, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуват Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и ќе бидат изречени поригорозни казни.

Антикорупциска бара Рамиз Мерко кривично да одговара за финансиски злоупотреби

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) оцени на денешната седница дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, треба кривично да одговара за финансиски малверзации кои се потврдиле во нивната истрага и во истрагата на државните ревизори. Според ДКСК, Мерко треба да се гони кривично, како и претседателот на Кривичниот суд во Струга, кој дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари, и покрај тоа што оваа општина е меѓу најзадолжените во државата.

Според антикорупциска, од 2018 година во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се оформени три предмети во врска со општината, меѓу кои е предметот за јавната набавка на Општина Струга на три автомобили и на еден луксузен автомобил марка „Ауди А6“ во вредност од 70.000 евра, како и предмет за бесправна продажба на објект.

ДКСК на седницата реши да ја запре постапката за акумулација на функции против Нефи Усеини, бидејќи во меѓувреме тој се повлече од советничка позиција во Општина Охрид, а истовремено, Антикорупциска оцени дека не се најдени никакви спорни ситуации во предметот „Шпанско Село“. Односно, за плацовите купени од мајката на сопругата на министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот за здравство Илир Хасани и еден бизнисмен. Како што соопшти ДКСК, плацовите биле купени во време кога тие не биле функционери, а бизнисменот подолго време ги добивал тендерите во здравство бидејќи имал најквалитетни понуди.

Средношколци и студенти ќе бидат дел од жирито на детскиот фестивал „Џифони“ во Италија“

Петнаесет македонски средношколци и студенти од вчера па во наредните девет денови ќе бидат дел од меѓународното жири на најголемиот филмски фестивал за деца на светот – „Џифони“ кој се одржува во Италија.

Под мотото „Восклик на радоста“, оваа година фестивалот „Џифони“ постепено се враќа во киносалите. Така, на 3.000 учесници во живо ќе им се придружат уште 2.000 учесници поврзани онлајн од Италија и од други земји ширум Европа, соопштуват од тимот „Џифони“-Македонија.

По пет претставници во секоја од трите старосни категории ќе ја следат програмата од просторитте на „Џифони Македонија“, во согласност со протоколите за безбедност. Тие, заедно со своите врсници во кино-салите во „Џифони“ и онлајн, ќе ги гледаат филмовите на програмата, ќе дискутираат за нив со гостите и ќе гласаат за своите фаворити.

Фестивалот е посветен на јубилејот-50 години од првото издание на „Џифони“, кој минатата година не можеше да биде соодветно одбележан поради пандемијата. Овогодинешниот настан се одржува под името „Giffoni50Plus“.

ЦИВИЛ повикува: Децата и малолетниците да не се (зло)употребуваат во политичките кампањи

Здружението на граѓани ЦИВИЛ– Центар за слобода, најостро ја осудува злоупотребата на децата и на малолетниците во политички цели. Децата никако не смеат да бидат предмет на политичка инструментализација и преку нив да се упатуваат политички пораки, затскривајќи се зад превезот на „патриотизмот“. Злоупотребата на сопствените деца и на сите деца воопшто за упатување политички пораки е законски забрането и не е патриотизам, реагираат со соопштение од ЦИВИЛ.

Додаваат дека нивниот долгорочен мониторинг постојано констатира случаи на злоупотреба на деца и на малолетници, особено пред и за време на кампањите за изборните процеси во РСМ.

„Затоа, во пресрет на локалните избори или други јавни настани, ЦИВИЛ повикува:
Стоп за политичката злоупотреба, инструментализација и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација.
Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон. Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“, стои во нивното соопштение.
Се потсетуваат политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата.
„Местото на децата е надвор од политиката! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштитата на децата, а не за нивна политичка злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство“, посочуваат од ЦИВИЛ.

Истовремено, бараат од институциите да ги санкционираат оние што ги вовлекуваат децата и малолетниците во политиката и што ќе се обидат да ги стават на својата листа на активности.

На првиот ден од конкурсот за реонски попишувачи и инструктори, се пријавиле 640 кандидати

Со засилено темпо течат подготовките за спроведување на теренскиот попис на населението што треба да се реализира од 5 до 30 септември годинава. Во тек е пријавувањето на кандидатите за реонски попишувачи и за инструктори. Само во текот на првиот ден на јавниот повик, вчера, се пријавиле 640 кандидати. Во сите 50 пописни реони има пријавено кандидати и за попишувачи и за инструктори. Конкурсот ќе трае до 5 август, по што ќе следи тестирање на кандидатите и конечен избор кој треба да се направи најдоцна до 15 август по што ќе следи обука.

Ова го соопшти на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски, кој информираше за заклучоците и одлуките од 88. седница на Владата. Тој на почетокот укажа на важноста од спроведување на оваа статистичка операција и посочи дека учеството во пописот е одговорност на секој граѓанин, кој придонесува кон држава базирана на податоци, а не на претпоставки. Податоците од пописот се доверливи и заштитени, потсети Арсовски.

Инаку, како што претходно информираше Државниот завод за статистика, со конкурсот се бараат 5.055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за сите 50 пописни реони. Кандидатите треба да бидат полнолетни, да не се вработени, да имаат најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, по пошта до ДЗС или лично да се достават на денот на тестирањето.

Претходно, пописната акција во државава требаше да се реализира годинава од 1 до 21 април. Но, процесот запре непосредно пред стартот, под притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по што се донесоа во Собранието измените во Законот за попис со кои се утврди друг датум.

Поделени над 40 илјади картички за бесплатни патарини на српски туристи кои транзитираат кон Грција

На граничниот премин Табановце денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и неговиот српски колега, министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај, Томислав Момировиќ, поделија повеќе картички за бесплатни патарини за српските туристи кои транзитираат низ Коридорот 10, кон Грција. Овие картички за српските државјани ќе важат до 15 август, а од 15 јуни досега, поделени се повеќе од 40.000 вакви картички, информира Бочварски.

Ова е според одлука на Владата од 25 мај годинава, а во знак на благодарност за помошта на Србија за донација на вакцини и за вакцинација против ковид-19 за македонските граѓани.

Двајцата министри зборувале за реализација на проектот „оне-стоп-шоп“, железничка станица на Табановце, каде на едно место ќе се вршат сите царински и гранични процедури заради побрз проток на стоки и луѓе. Се разговарало и за повторно воведување на брзиот воз на релацијата Белград-Скопје-Солун, како и за изградба на брзи ленти на граничните премини меѓу двете земји заради олеснување на трговијата.

Регистриран 21 нов случај на ковид-19, има едно починато лице

Во последните 24 часа се направени 3.219 тестирања, а е регистриран 21 нов случај на ковид-19, соопшти Министерството за здравство, според податоците од Институтот за јавно здравје. Во: Скопје – 8, Тетово – 4,Куманово и Гостивар – по 3, Кавадарци, Кочани и Кичево – по 1. Регистрирани сe 14 оздравени пациенти од: Тетово – 8, Скопје – 5 и Гостивар – 1.

Пријавено е едно починато лице од Скопје (56г) во болнички услови.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има најмногу активни случаи на ковид-19, 87, следува Тетово со 74 и Куманово и Гостивар со по 16 активни случаи.

Досега во земјата се направени вкупно 935.732 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 155.951, бројката на оздравени пациенти е 150.237, на починати е 5.488, а на активни случаи изнесува 226.

Утре во Охрид почнува третото издание на Beach Film Festival што ќе трае до 25 јули

Во рамки на 4-то издание на Beach Film Festival, третиот EuropeanFilmChallenge-MК со европски филмови, ќе се реализира со уникатно филмско доживување на брегот на Охридското Езеро, соопштуваат организаторите.

Од 14 јуни до 23 август, додека трае Европскиот филмски предизвик, учесниците треба да изгледаат 10 европски филмови на легална платформа, а за тоа време следува богата содржина со филмски критики, интервјуа, подкасти и препораки за тоа, кои филмови носат екстра поени до победата.

Во рамките на предизвикот се овозможува прекрасно и уникатно летно доживување за вистинските филмофили на годинешното издание на Beach Film Festival од 21 до 25 јули 2021 година во Охрид.

Во рамки на официјалната селекција се вклучени 14 краткометражни и 5 долгометражни филмови, меѓу кои се Honey Cigar, Moon, 66 Questions, Human Factors, Sexfish и Jedini Izlaz. Фестивалот како и секоја година ќе го затвори специјална проекција на македонски филм, а за ова издание тоа е филмот Homo (2020) на режисерот Игор Иванов Изи. Сите проекции на 4. изадние на Beach Film Festival се бесплатни и се прикажуваат на плажата Горица 3, покрај прекрасното Охридско Езеро, каде сите филмофили и љубители на европските филмови можат да уживаат во гледањето на филмови од европската кинематографија.

Љубителите на европскиот филм можат да се вклучат во предизвикот со регистрација на следниот линк и за секој гледан долгометражен филм на овогодинешното издание на Beach Film Festival да освојат дополнителни 40 поени.

Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge) е иновативна дигитална платформа што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија.

Во Македонија проектот е на Центарот за социјални иновации Блинк 42 – 21 заедно со европски партнери во 9 држави, преку програмата на МЕДИА-Креативна Европа и Европската филмска индустрија.

Владата ја означи за стратешки проект фабриката што ќе согорува и обработува отпад во Неготино

Друштвото за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино, ќе добие статус на стратешки инвестициски проект, одлучи Владата на вчерашната седница.

Одлуката е донесена, како што соопштуваат од владиниот кабинет, врз основа на предлогот на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, која го разгледала целокупното барање и документација и извршила техничка, финансиска и правна проценка на досието на проектот: „Фабрика за производство на зелена енергија“. Врз основа на утврденото, Владата одлучила дека проектот ги исполнува условите, според Законот за стратешки инвестиции, фирмата да се стекне со статус на стратешки инвестиционен проект.

Инаку, станува збор за фабрика што ќе обработува отпад, проект што е дел од Интервентниот план за инвестиции за 2021-2027 година, што беше презентиран од Владата во мај годинава. Инвеститирот од Луксембург, кој најави инвестиција од 336 милиони евра од согорувањето и преработката на отпад.

Според тогашната изјава на премиерот Зоран Заев, станува збор за инселератор, кој ќе работи без оџак, како затворен систем на издувни гасови, по примерот на многу европски градови. Фабриката треба да го реши загадувањето од отпадот од дивите депонии и да ја спречи емисијата на отровни гасови, загадувањето на почвата и на подземните води, а ќе нема ниту неконтролирани пожари. Инвестицијата би требало да го поттикне економскиот развој и да отвори нови работни места.

Според неодамнешна изјава на Заев во врска со овој проект, тој нуди трајно решение за 74 отсто од отпадот од целата територија на државата чија енергија ќе се претвора во топлинска, а меѓу другото, вклучува набавка на 100 комунални возила, метални и комунални контејнери, збирни и претоварни станици и друго. Според проектот, комуналните претпријатија ќе имаат обрска да плаќаат околу 20 евра за еден тон депониран смет.

Здружението на граѓани „Ековита“ од Неготино, изрази загриженост околу оваа инвестиција и излезе со став дека е против отворањето на фабрика за отпад. Од таму излегоа во јавност со ставот дека не сакаат таканаречена гасна централа што ќе согорува комунален отпад и ќе создава од тоа енергија за жителите на Неготино. Активистите стравуваат дека ќе се увезува токсичен отпад од други земји, поради големиот капацитет на фабриката од милион тони годишно отпад за преработка. 

Намалениот ДДВ за струја стапи во сила, но сметките за јули ќе бидат повисоки за 12,3 отсто

Законските измени за намалување на ДДВ-то на електричната енергија од 18 на 5 проценти стапи на сила. Во Службен весник се објавени усвоените измени на Законот за ДДВ кои пратениците ги изгласаа во петокот. Ова значи дека граѓаните за потрошена електрична енергија отсега ќе плаќаат намален ДДВ на 5 проценти, одлука што ќе важи до 1 јули 2022 година. Од 1 јули наредната година, данокот за електрична енергија повторно ќе се врати на 18 отсто.

Сметките за јули што граѓаните ќе ги добијат на крајот на месецов, ќе бидат повисоки за 12,3 отсто. Струјата е поскапена за толку проценти, бидејќи ЕВН Хоум почна да ја тарифира од 1 јули годинава, додека повеќе од две недели се чекаше да дојдат на дневен ред законските измени во Собранието. Понискиот ДДВ ќе биде вкалкулиран во сметките за струја од август.

Владата, на предлог на Регулаторната комисија за енергетика, ги предложи овие законски измени за намалување на ДДВ-то за струја кон крајот на јуни, со цел да се амортизира ценовниот шок кај граѓаните од поскапувањето на електричната енергија за 12,36 отсто, на барање на енергетските компании, МЕПСО, НЕМО, ЕВН Хоум и Електродистрибуција. РКЕ има влијание, односно може да регулира околу 38 отсто од вкупно прикажаните трошоци на овие компании. 

Девет нови случаи на ковид-19, нема починати пациенти

Министерството за здравство информира дека, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 1.973 тестирања, а се регистрирани 9 нови случаи на ковид-19 и тоа во : Скопје–4, Тетово–4 и Кичево-1.

Евидентирани се 53 оздравени пациенти, од: Скопје–17, Тетово и Охрид–по 9, Кичево –8, Битола, Прилеп и Кавадарци–по 2 и Куманово, Гостивар, Струмица и Дебар по еден случај.

Не се регистрирани починати пациенти.

Најмногу активни случаи на корона вирус има во Скопје, 85, Тетово, 78 и Гостивар, 14.

Досега во земјата се направени вкупно 932.513 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.931, бројката на оздравени пациенти е 150.223, на починати е 5.487, а бројот на активни случаи изнесува 221.

Поради журките, туристичкиот рај за млади – островот Миконос постана жариште на ковид-19

Атрактивниот грчки остров за летување, Миконос, од вчера го напуштаат странските туристи кои масовно си заминуваат, откако е воведен пет часовен полициски час во траење од една недела, како и други мерки, заради спречување на ширење на вирусот ковид-19.

Според новите правила на грчките власти, музиката е забранета во ресторани, кафулиња и клубови и само на оние лица кои одат на работа или во болница им е дозволено да се движат од 1 до 6 часот наутро. 

На островот популарен меѓу младите поради деноноќните журки засега се пријавени 39 нови случаи на корона вирусот. Грчките здравствени власти соопштија дека има нови 1.558 случаи во земјата во период од 24 часа, како и 10 смртни случаи, објавија грчките медиуми. Регионот Атика, како и грчкиот главен град Атина, регистрира 610 нови случаи, а во Солун има нови 112 случаи.

Од вчера, откако стапија на сила новите правила заради ограничување на ширењето на ковид-19, туристите ги откажаа годишните одмори и ги оставија празни вилите, дуќаните и рестораните на Миконос. Веќе се откажани околу 40 отсто од хотелските аранжмани.

Инаку, Миконос е една од најпопуларните дестинации, привлекувајќи повеќе од милион посетители секое лето, посебно млади, како и холивудски sвезди, светски модели и познати спортисти. 

НАСА: Поради климатските промени, Месечината ќе предизвика поплави за десетина години во САД

Крајбрежните подрачја на Соединетите американски држави (САД) за десетина години ќе доживеат драматичен пораст на високи плими и поплави поради циклусот од Месечината, пренесува CNN. Наглиот пораст треба да започне во средината на 2030 година, кога месечевиот циклус ќе го зголеми покачувањето на нивото на морето како резултат на климатските промени, покажува новото истражување на членови на научниот тим за „Промена на нивото на морето на НАСА“ од Универзитетот на Хаваи.

Во подобра ситуација ќе бидат само крајните северни крајбрежја на Аљаска, бидејќи долгорочните геолошки процеси покажуваат покачување на тие копнени области.

Истражувањето објавено во списанието „Nature Climate Change“, ги зема предвид сите познати океански и астрономски причини за поплави. Поплавите од високите плими вклучуваат помалку вода отколку оваа во бурите од урагани, но студијата предупредува дека тоа не значи дека се тие помалку значајни проблеми.

„Национална океанска и атмосферска управа“ пријавила над 600 поплави како последица на плимите и на осеките во 2019 година. Ова ново истражување предвидува дека овие поплави ќе се појавуваат во кластери со траење од еден месец или подолго во 2030, зависно од положбата на Месечината, Земјата и Сонцето. Некои градови може да бидат поплавувани секој ден или на секои два дена.

Причината за овој очекуван бран е поврзана со 18,6 годишниот циклус на Месечината. Во моментов, циклусот е на половина од тој период, и ги засилува плимите и осеките – што значи дека високата плима станува повисока, а ниската осека станува сѐ пониска.

МОН: Лажни вести и фотографии се шират за сексуалното образование, граѓаните да следат официјални известувања од МОН и БРО

Министерството за образование и наука демантира каква било поврзаност на фотографиите и содржините кои деновиве кружат на социјалните мрежи, со сеопфатното сексуално образование.
„Лажните вести и монтажи по социјалните мрежи се интензивираат со цел заплашување и лажење на граѓаните. Граѓаните да бидат спокојни, образованието се унапредува и реформира. Сите информации кои деновиве се шират поврзани со сексуалното образование, како оваа, се целосно лажни и апелираме граѓаните да не наседнуват“, соопштија од МОН.
Додаваат дека, како што многу пати извести Бирото за развој на образованието, сексуално образование воопшто не се воведува. Од следната година се планира само пилот-проект во четири паралелки од деветто одделение, во четири основни училишта.

„Никакви содржини ниту програми не се предвидени во новите содржини и учебници за прво и четврто одделение како што се обидуваат одредени групи на социјалните мрежи да ја замајуваат јавноста. Родителите да бидат смирени, сѐ што работиме е максимално транспарентно и во најдобар интерес на децата. Апелираме да се следат официјалните канали на МОН и БРО со цел учениците, наставниците и родителите да се заштитат од ваквите манипулации кои, за жал, сѐ почесто ќе ги гледаме“, соопштија од МОН.

Порталб.мк: Никако да се исчисти дивата депонија кај село Одри, Општина Теарце се правда со недостиг на регионална депонија

Несовесните жители создаваат диви депонии покрај автопатот што ја поврзува Северна Македонија со Косово. Оваа состојба се должи на недостиг на стандардизирана депонија во Полошкиот регион каде би се собирал отпадот. Порталб.мк ја сликаше депонијата на влезот од селото Одри, општина Теарце, чии жотели бараат од Општина Теарце почесто да го чисти отпадот. Од општината велат дека депонијата ќе биде исчистена наскоро.
На влезот од селото Одри, кое припаѓа на Општина Теарце, долж патот Тетово-Јажинце, постојано се собира смет. Оваа депонија се создава поради тоа што отпадот не се чисти редовно од страна на одговорните, како и поради несоодветното казнување на несовесните жители кои фрлаат отпадоци, не почитувајќи го знакот „забрането фрлање отпад“.
Жителите на село Одри се загрижени. Според нив, дивата депонија е исчистена неколку пати, но проблемот не е решен.
„Овој проблем постои веќе неколку години, од време на време депонијата се чисти, но ситуацијата е сè уште иста“, вели жителот Ј.Џ.
„Сликите не лош впечаток за селото, особено за време на летниот период кога повеќето од иселениците се враќаат дома, ова не е изгледа на пат што ги поврзува Македонија и Косово“, вели А.Е.
Претседателот на месната заедница Одри, Наим Џелили, вели дека скоро целиот отпад го фрлаат жителите од соседните села Доброшт и Нераште, иако ова место му припаѓа на селото Одри. Според него, отпадоци се фрлаат дури и во приватните имоти.
„Општината има должност да го исчисти отпадот и вети дека ќе го стори тоа, но ништо не е преземено и нема никакви конкретни активности“, рече Наим Џелили.
Тој вели дека Месната заедница – Одри има поднесено жалба во Општината, но и во Месната заедница на Доброшт.
Контактиравме и со Месната заедница на Доброшт, но не добивме одговор.

Од општината велат дека ќе го исчистат местото и се правдаат со недостиг на регионална депонија. Од општина Теарце за Порталб.мк рекоа дека оваа депонија е исчистена пред неколку години, но дека жителите повторно ја наполниле“, вели Џелили.
„Знакот за забрана беше поставен по расчистувањето на просторот, со цел да се известат граѓаните дека депонијата е затворена, но не се почитува“, велат од општина Теарце.
Од Општината информираат дека се изречени казнени мерки за пет лица за фрлање отпад; еден жител ја платил глобата, а другите ја компензирале казната со општа работа.

Општина Теарце

Но, од Општината не одговорија:
1. За кој временски период се казнети овие лица?
2. Колкав е износот на платената казна и кога е таа платена?
3. Што точно значи „општа работа“?
Исто така одговорија дека „наскоро депонијата во Одри ќе се исчисти“, но не прецизираа кога. Сепак, според Општината, конечното решение со управувањето со отпадот ќе биде кога ќе се реши проблемот со регионалната депонија.

Полог нема регионални депонии со соодветни стандарди

Во полошкиот регион во моментот има само една депонија во Гостивар, депонијата „Русино“, која не исполнува никакви стандарди. Локалните жители неколку пати протестираа за овој проблем и го блокираа фрлањето ѓубре. Владата во 2018 година обезбеди 1,5 милиони швајцарски франци за модернизација на „Русино“. На крајот на 2020 година, 9 градоначалници и Владата одлучија „Русино“ да се затвори додека не се модернизира и додека општините не обезбедат пари за кофинансирање за основање на регионално јавно претпријатие „Русино-Полог“.
Првата фаза од модернизацијата е спроведување на физибилити студија, да се обезбеди проектната документација и да се спроведат „брзи мерки” за санирање на последиците по животната средина предизвикани од отпадоците.
Според Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), првата фаза од проектот е завршена и во моментов се спроведуваат активности за спречување на понатамошно загадување и санирање на локацијата каде во минатото се фрлаше отпад.
Следната фаза е целосна стандардизација на депонијата, за што ќе се добие заем од ЕБОР. Владата побара заем до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кој, откако ќе биде одобрен, ќе биде избрана и компанија што ќе ги врши работите. „Се очекува изградбата да започне во втората половина од 2022 година. Владата е одговорна за динамиката на изградбата“, рекоа за Порталб.мк од МЖСПП.

Од ЕБОР се бара заем од 17 милиони евра

За новата стандардизирана депонија „Русино-Полог“ сè уште не е избрана локација, а и сите општини не уплатиле по 2.200 евра како основачка влог, иако имаат потпишано договори.
„Обврските ги имаат платено општините Гостивар, Тетово, Теарце и Јегуновце“, рекоа од МЖСПП.
Според Планот за управување со отпад на ниво на Полошкиот регион, по изградбата на новата депонија, отпадот мора да се собере, транспортира и отстрани од 9 општини во Полог.
„Откако депонијата ќе профункционира, сите домаќинства ќе се задолжат да се снабдат со контејнери и сите ќе треба самите да го носат отпадот на депонијата“, рекоа од општина Теарце.

Регистрирани 19 нови случаи на ковид-19, нема починати пациенти

Министерството за здравство информира дека, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.667 тестирања, а се регистрирани 19 нови случаи на ковид-19: Во Скопје – 8, Тетово – 5, Куманово – 2, Гостивар, Кочани, Гевгелија и Дебар – по 1. Евидентирани се 9 оздравени пациенти од: Тетово – 5 и од Скопје – 4. Не се регистрирани починати пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 927.182 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.901, бројката на оздравени пациенти е 150.168, на починати е 5.487, а на активни случаи изнесува 246.

Најмногу активни случаи на ковид-19 има во Скопје, 88, во Тетово 78 и во Гостивар 14.

МЗ: Вчера се аплицирани вкупно 10.817 вакцини

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 453.773 граѓани. Прва доза вакцина против ковид-19 примиле 6.076 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 10.817 лица, соопшти Министерствотоза здравство, додавајќи дека, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови, а во тек е и теренска вакцинација.

Во државата вкупно се аплицирани 725.902 дози вакцини, а ревакцинирани се 272.129 граѓани.

Со последните бројки, барем една доза на вакцина има примено 58 отсто од населението на возраст над 70 години, 55 отсто од лицата над 65 години, 51 отсто од граѓаните над 60 години и 41 отсто од населението постаро од 50 години.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите, теренската вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се реализира во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.

АХВ: Пред Курбан Бајрам засилени инспекциски контроли на добиточните пазари заради заштита на здравјето на граѓаните

Пред претстојниот голем муслимански празник Курбан Бајрам (20 јули, вторник), директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, одржа работен состанок со претставници на Исламската верска заедница, МВР и општинските комунални и инспекторите за заштита на животната средина, со цел координирање на активностите на секоја од институциите, за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојба на животните.

„Инспекциските служби спроведувааат вонредни засилени контроли на добиточните пазари и локациите надвор од нив, за кои имаат сознанија дека таму се врши нелегална трговија со добиток и недозволено колење. Целта на овие активности е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо, од здрави животни, почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници. АХВ апелира до граѓаните за претстојниот празник да не се купува добиток од „дивите“ пазари, бидејќи таму нема гаранција за здравствената состојба на животните, со што во прашање може да се доведе здравјето на купувачите и нивните семејства“, речe Бабовски.

Од АХВ препорачуваат движењето на животните да се врши исклучиво со поседување на сертификат за здравствена состојба на секоја единка, а колењето да биде во одобрени кланици од страна на АХВ. Освен за животните кои се колат за сопствени потреби, за што треба да биде известен официјален ветеринар или овластено ветеринарно друштво кое треба да изврши одјавување на закланата единка од Ветеринарно информативниот систем на АХВ. Бабовски апелира граѓаните да бидат внимателни и при набавка на месо кое треба да се купува од одобрени месарници со имплементирани стандарди за безбедност на храната.