Порталб.мк: Ски центарот „Попова Шапка“ чека нов инвеститор чие име не се открива

-

Останува нејасно кој ќе биде инвеститорот кој, според најавите на премиерот Зоран Заев од пред два месецa, ќе ја добие концесијата за следните 99 години за ски-центарот „Попова Шапка“. Инвеститорот е засега непознат и не се знае ниту дали има потпишано договор со застапник од Северна Македонија. Од извршната власт велат дека тој работи на подготовка на проектот, но не го откриваат неговото име, ниту дали истиот ја има добиено концесијата, пишува Порталб.мк.

„Што се однесува до стратешката инвестиција во ски-центарот „Попова Шапка“, ве известуваме дека постапката е во тек. Во моментот, инвеститорот работи на подготовка на проектот“, велат од Владата за Порталб.мк.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој постојано го посетуваше ски-центарот и ги најавуваше инвестициите во „Попова Шапка“, не одговори на нашиот телефонски повик, а не одговори ниту на пораката со прашање: Дали е одлучено на која компанија ќе ѝ биде доделена концесијата?

Портпаролката на Бектеши ни рече дека Министерството за економија не е одговорно за ова прашање, бидејќи тие не даваат концесии. Сепак, рече дека ќе се консултира со соодветните лица, за да одговори на прашањето на кое министерот не даде одговор.

Од ЕЛЕМ Турс, компанијата која во моментов управува со „Попова Шапка“, рекоа дека тие немаат овластување да се мешаат во тоа кој ќе го добие ски-центарот, и дали ќе биде со концесија или не.

Кон крајот на мај премиерот Зоран Заев најави дека во Националната стратегија 2021-2027 година, вклучена е ревитализацијата на центарот „Попова Шапка“. Договорот е во завршна фаза и предвидува доделување на 99-годишна концесија на европски инвеститор, чие име останува „доверливо“.

„Во завршна фаза сме за да постигнеме конечен правен договор за ски-центарот „Попова Шапка“ во износ од 50 плус 50 милиони евра. Проектот е во согласност со Законот за јавно-приватно партнерство за концесии или стратешки инвестиции, зависно од последната фаза на договорот. Суштината е да се дадат концесии на 99 години на еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа, чие име сè уште останува доверливо. Редно е инвеститорот сам да го објави тоа кога ќе се донесе одлука. Среќни сме за оваа инвестиција, бидејќи ќе донесе нова димензија на зимскиот туризам“, рече Заев.

Инвестиции во „Попова Шапка“ во износ од 30 милиони евра беа најавени во 2012 година од тогашниот премиер Никола Груевски. Тој најавуваше дека проектот ќе се спроведе во неколку фази и дека ќе биде објавена понуда за наоѓање меѓународен инвеститор.

Инвестиции за „Попова Шапка“ имаше најавено и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој рече дека инвеститор од Катар е подготвен да инвестира во овој туристички центар.

„Токио Гејм Шоу“ се одржа минатиот викенд

Минатиот викенд се одржа овогодишното издание на „Токио Гејм Шоу, можеби настанот со најинвентивни идеи од светот на видео-игрите. Оваа година целата манифестација пријатно ги изненади сите гејмери ширум...