Мечка нападнала дански турист на Шар Планина, скијал надвор од скијачка патека

Мечката со гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на скијачот

Попова Шапка, јануари 2023 година; Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Мечка утрово нападнала дански турист, кој заедно со група скијачи учествувал во „фри рајд“ скијање, надвор од скијачки патеки во месноста Јелак на Шар Планина, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Настанот се случил пред 11 часот утрово во близина на Попова Шапка.

Мечката со гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на данскиот скијач. Екипа на итната медицинска помош од Тетово го транспортитала повредениот кон тетовска болница каде дополнително ќе биде утврдена тежината на повредите.

Од ЦУК соопштија дека директорот Стојанче Ангелов е упатен кон Попова Шапка од каде се очекува да даде изјава во врска со настанот.