fbpx

Во личните карти кај Македонците и кај Албанците нема различно државјанство

Значи, ова било само предлог кој остана нереализиран. Имено, предлогот на Беса остана заглавен во парламентот

-

Во новите лични карти кои го содржат уставното име Северна Македонија, државјанството и за Македонците и за Албанците е „македонско/граѓанин на Северна Македонија“. Во новите лични карти на Албанците никаде не стои етничката припадност, односно националноста. Таков предлог постоел, но тој не бил усвоен. Очигледно е дека објавата намерно споделува лажни и манипулативни информации, со цел да побуди меѓуетничка нетрпеливост, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук којашто тврди дека во С. Македонија има два типа на лични карти со сосема различни државјанства, едно за Македонците и едно за Албанците. Според објавата, во новите лични карти, односно оние што го содржат уставното име Северна Македонија, државјанството за Македонците е „граѓани на Северна Македонија“, а државјанството за Албанците е „Албанци“. Тврдењето не е точно.

Со курто и мурто до ова дереџе стигнавме!
Може ли во една држава да има ДВА ТИПА НА ЛИЧНИ КАРТИ, СО СОСЕМА РАЗЛИЧНИ ДРЖАВЈАНСТВА!!!
ГЛАСАЈТЕ ГИ ПОВТОРНО И ПОВТОРНО!
**Ние СУВЕРЕНОТ, МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ВО СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА ДА БИДЕМЕ #ГРАЃАНИ_СЕВЕРЏАНИ!
**А дојденците од Косово, да си бидат #АЛБАНЦИ!
ТЕПАЈТЕ СЕ ЗА ЛИЧНИ КАРТИ, ПАСОШИ, ВОЗАЧКИ
И МАЛКУ E ЗА ОВОЈ НАРОД КОЈ ГО
#ПРЕСПА_ОБЕЗГЛАВУВАЊЕТО!
Објавата споделува и фотографија со наводни лични карти, со цел да го потврди изнесеното тврдење.
Прво, не е точно дека државјанството на Македонците во личните карти кои го содржат уставното име Северна Македонија“ е „граѓани северџани“, како што тврди објавата. Државјанството, како што може да се види и од самата приложена фотографија е „македонско/граѓани на Северна Македонија“.
Во Договорот од Преспа јасно наведено уште на самиот почеток од договорот во членот 1, став 3 б, како ќе гласи државјанството.

 

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

Значи, државјанството е македонско/граѓани на Северна Македонија.

Што се однесува до националноста, таа е Македонец/Македонка и тоа е загарантирано со Преспанскиот договор, односно загарантиран е македонскиот идентитет. Вистиномер на оваа тема веќе има пишувано во една поголема анализа.

Што се однесува до државјанството за Албанците во личните карти кои го содржат уставното име Северна Македонија, тоа, исто така, е „македонско/граѓани на Северна Македонија“.

Во новите лични карти на Албанците никаде не е наведена националност „Албанец“, како што тоа го прикажува објавата. Графа националност не може да се најде ниту во личните карти на Македонците. Впрочем, и во барањата за издавање на лична карта, објавени на веб-страницата на МВР,  никаде не се бара податок за етничката припадност, односно за националноста. Во барањата стојат основните информации како, име и презиме, адреса на живеење, датум и година на раѓање.

Вистиномер побара од наш сограѓанин Албанец кој има нова лична карта, односно со Северна Македонија, да ни ја испрати на увид со цел да видиме дали навистина во неа стои националност „Албанец“, како што тврди објавата.

Со цел да го заштитите идентитетот на нашиот сограѓанин ги покривме сите лични податоци и неговата фотографија. Од она што ни беше испратено, јасно се гледа дека датумот на личната карта кога била издадена е 24.11.2023 година, таа го содржи новото уставно име Северна Македонија, напишана е и на албански јазик, а државјанството е „македонско/граѓанин на Северна Македонија“. Значи, во личната карта, никаде не се спомнува националноста „Албанец“. Државјанството е исто и за Македонците и за Албанците.

Што се однесува до приложената фотографија во објавата, на која наводно се гледа лична албанска лична карта и во која наводно стои националност „Албанец“, таква не постои.

Имено, ваквиот изглед на новите лични карти во 2019 година, откако се смени името на државата, беше предлог на Движењето Беса, кое бараше во личните карти да стои националноста, односно етничката припадност. Тогаш, како што беше објавено, Беса на својата Фејсбук страница објави предлог како да изгледаат новите лични карти за Албанците.

Значи, ова било само предлог кој остана нереализиран. Имено, предлогот на Беса остана заглавен во парламентот. Како што објави „360 степени“ на 16.03.2021 година, на дневен ред на Собранието стигнале нови измени на Законот за лични карти, предложени од Владата.

Со измените што ги предлага Владата оваа регулатива, всушност, се усогласува со Законот за употреба на јазиците и со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, додека измените што ги поднесе владејачката Беса, а кои предвидуваат во личните документи да може да стои и етничката припадност на граѓаните, се заглавени во парламентот, односно се блокирани со над илјада амандмани на опозициската Левица, стои во написот на 360 степени.

Тогашниот премиер Зоран Заев изјави дека ќе се почитува регулативата на ЕУ за етничката припадност во личните карти, односно таа нема да биде наведена во документите за лична идентификација.

Ваквата изјава на Заев следеше по реакцијата на евроамбасадорот Дејвид Гир дека ЕУ-регулативата забранува споделување верска и етничка припадност.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека државјанството и за Македонците и за Албанците, во новите лични карти кои го содржат уставното име Северна Македонија е „македонско/граѓанин на Северна Македонија“. Во новите лични карти на Албанците, никаде не стои етничката припадност, односно националноста. Таков предлог пoстоел, но тој не бил усвоен. Очигледно е дека објавата намерно споделува лажни и манипулативни информации, со цел да побуди меѓуетничка нетрпеливост. Истата ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...