Тендерот за регионалната депонија во Свети Николе чека одобрение од финансии и од ЕУ

Регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. Проектот е вреден околу 40 милиони евра, кои веќе се обезбедени од Европската Унија

Едно од ѓубриштата во Пробиштип кое се чисти со средства на ЕУ; Фото: Архива на Мета.мк

Тендерот за избор на компанија која ќе треба да ја изгради регионалната депонија во Мечкуевци, Свети Николе сè уште не е објавен. Иако беше најавено дека ќе биде распишан најдоцна во јануари годинава, во моментов тендерската документација е на одобрување во Министерството за финансии и Делегација на ЕУ.

Од Министерството за животна средина за Мета.мк информираат дека тендерот ќе биде објавен во најбрз рок, веднаш штом пристигнат потврдите од двете институции. Според нив, наближувањето на изборите и фактот дека веќе функционираме со техничка Влада, нема да го одложат овој процес.

Процесот на распишување на тендерот за првата регионална депонија по европски стандарди во земјава трае веќе неколку години. Иако за проектот се обезбедени финансиски средства од европските фондови, а набавени се и возила и контејнери за сите општини од Источниот и Североисточниот регион, објавата на тендерот се одложи многупати досега. Од Министерството објаснуваат дека една од причините е и подготовка на урбанистичка документација за локациите која требало, но не ја завршиле општините.

„Бидејќи општините – крајни корисници на проектот не ја исполнија нивната обврска за подготовка на урбанистичка документација за локациите, Министерството за животна средина и просторно планирање ја презеде таа обврска. Подготовката и одбрувањето на урбанистичката документација траеше долго, а предизвика и промени во веќе подготвената техничка и тендерска документација. Дополнително, поради пораст на цените на пазарот, порасна и проценетата вредност на проектот, за што се обезбедија дополнителни финансиски средства од национално кофинансирање“, информираат од Министерството.

Регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. Проектот е вреден околу 40 милиони евра, кои веќе се обезбедени од Европската Унија.

Покрај современиот третман на отпадот во идната регионална депонија во Мечкуевци, којшто подразбира спречување на продорот на исцедокот од отпадот во почвата и водите, на оваа локација ќе се подигнат погони за секундарна селекција на собраниот отпад, како и на постројки за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг и компостирање на градинарски отпад. Ќе бидат изградени и шест претоварни станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. Освен за претовар на отпадот што ќе оди кон Мечкуевци, на овие локации ќе има постројки за компостирање на градинарскиот отпад, а на шесте локации ќе се собира мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).

Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад по стандардите на ЕУ, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата.