(ИНТЕРВЈУ) Шукова: Срамно е што немаме ниту една депонија по европски стандарди

Очекуваме, ако биде успешен тендерот за Свети Николе, првата регионална депонија да почне да работи во 2024 година, вели министерката за животна средина Каја Шукова во интервјуто за Мета.мк

Фото: Мета.мк

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во интервју за Мета.мк зборува за некои од најважните прашања за животната средина во земјата, а тоа се третманот на отпадот и отпадните води, процесите на воспоставување на основна инфраструктура по европски стандарди и за текот на изградбата на регионалните депонии и скопската пречистителна станица, како и за обезбедувањето на чист воздух во градовите.

Освен за инвестициите за иднината, со Шукова разговаравме и на темата историски жешки точки и начините како тие да се санираат за да не претставуваат опасност за граѓаните и за животната средина.

 

Министерке Шукова, расчистувањето на една од најжешките еколошки точки во земјата, депониите со линдан во ОХИС е во тек. Кога очекувате да завршат работите на малата депонија и дали во моментов се обезбедени сите средства за довршување на оваа активност?

Во моментов, во малата депонија со линдан на ОХИС се чисти третиот лот. Досега се ископани 1.500 тони опасен отпад, од кои 1.250 тони се веќе уништени, а останатите чекаат да бидат спалени во постројката во Франција. Ископани, извезени и уништени се и 1.390 тони контаминирана земја, а 200 тони ќе се извезат на почетокот на октомври.

Средствата кои ги имаме обезбедено досега се заклучно со третиот лот, кој во ноември би требало да се заврши. Во план е да се обезбедат средства и за понатаму, ќе се потпише договор помеѓу УНОПС и Делегацијата на ЕУ во висина од 2,5 милиони евра, пари обезбедени од европските фондови и најголемиот дел од нив ќе се искористат за четвртиот лот. Јасно е дека со овие средства нема да успееме целосно да го завршиме чистењето малата депонија, затоа и предвидуваме пари и во државниот буџет за 2024 година, во висина од половина до еден милион евра. Верувам дека со нив ќе бидеме многу блиску до целосно расчистување. Во моментов не можеме да знаеме точно колку пари ќе ни требаат до крај, ги согледуваме ситуациите една по една, што значи дека, како што обезбедуваме средства, така напредува и чистењето на малата депонија.

Што се однесува до роковите, мора да се нагласи дека ископувањето на линданот не е едноставна работа. За нас е најважно да се изведува внимателно и да се внимава на безбедноста на луѓето кои работат, на населението кое живее во околината и на животната средина. Тоа значи, работиме полека, но согласно со сите стандарди.

Но, со малата депонија не се решава целосно историското загадување во ОХИС. Дали има некои конкретни активности околу чистењето и на големата депонија? Или евентуално за третата депонија откриена кај локалитетот Пеленица?

Што се однесува до големата депонија, постојат проценки дека за нејзиното чистење, со истиот метод како и малата ископување и уништување, би ни требале од 80 до 100 милиони евра. Тоа е значителна сума на пари и во моментов ги разгледуваме можностите дали можеме да обезбедиме некои средства од Глобалниот еколошки фонд или од донатори. Јасно е дека се работи за сериозна инвестиција, знаеме дека ќе треба многу време да се обезбеди, а и многу време да се исчисти депонијата.

За Пеленица мора да се направи план за ремедијација и засега најважно е да биде оградена и да нема пристап до депонијата. Секако, ОХИС ни е во фокусот, бидејќи е во населено подрачје.

 

Списокот со историските жаришта не завршува тука. Какви се плановите на државата и на Министерството за сите други?

Точно е, имаме уште многу други индустриски жаришта во државата. Разговаравме да направиме студии за да видиме дали може да се ревитализираат на лице место, да нема ископување и изнесување на отпадот, бидејќи гледаме дека овој принцип чини многу пари, а возможно е да се стабилизираат таму каде што се. На пример, депонијата во Југохром. Јас сум технолог и лично сметам дека е многу подобро да се прифати исцедокот, да се загради и да се покрие. И оваа и другите депонии се таму со години, јасно е дека веќе имале влијание врз животната средина, сега е важно тоа да не продолжи.

Државата нема доволно пари за решавање на сите историски жаришта, а и донаторите ни велат дека тие се наша обврска. Донаторите сакаат да вложуваат во развој на државата, како на пример во инфраструктурата за отпад, за вода за пиење или за третман на отпадни води. Дел од капиталните проекти од 2023 продолжуваат и во 2024 година, бидејќи голем дел од граѓаните во земјата сè уште немаат системи за водоснабдување, а работиме и на собирање и третирање на отпадните води.

Од Министерството за животна средина беше најавен тендер за оградување на јаловиштето со арсен во кругот на рудникот „Лојане“, којшто треба да се реализира како активност годинава. До каде е реализацијата на овој проект?

Во врска со решавање на проблемот со јаловиштето со арсен веќе имавме еден обид за избор на концесионер, но тендерската постапка беше неуспешна. Сега се доработува техничката документација, бидејќи се работи за специфичен терен и треба да се создадат подобри услови во изборот на концесионерот. Штом се заврши повторно ќе се распише тендер.

Кога сме кај жешките еколошки точки, Општина Пробиштип најави дека старото хидројаловиште од рудникот Злетово ќе се санира и ќе се гради фотоволтаична централа на оваа локација. Со какви информации располага вашето министерство во однос на овој проект што планира да го реализираат локалните власти? На кој начин би можеле да помогнете?

Познато ми е дека Општина Пробиштип е сериозно заинтересирана за овој проект и дека работи со инвеститорите. Процесот е во тек, а Министерството учествува само во управните постапки. Ќе помагаме во она што е нашиот домен, за брзо да се спроведуваат постапките и постојано сме во комуникација со Општината. Сериозни се и навистина се надевам дека ќе успеат.

Во случајот со расчистувањето на згурата од Топилницата во Велес нема поместувања веќе четири години, откако е доделена концесијата. Што може Министерството да направи во овој случај, да се расчисти оваа жешка точка во поскоро време?

Додека има важечка концесија очекуваме концесионерот да работи и да го санира просторот. Ова е уште една од жешките точки за кои се потребни сериозни финансиски средства, кои ги нема во државниот буџет. Проценките се дека за санација на секоја од историските точки се потребни од 20 до 50 милиони евра, а за ОХИС и повеќе. Заради тоа и како што реков, најдобро е да се размислува за решенија за стабилизација на лице место, да се избегне понатамошното влијание врз животната средина и загадување.

Што се случува со најавената изградба на идната регионална депонија, која по стандардите на ЕУ треба да се гради во овчеполското село Мечкуевци, Општина Свети Николе? Се разреши ли проблемот со локалните власти околу локацијата на депонијата и кога може да очекуваме распишување на меѓународниот тендер за овој проект за Источниот и Североисточниот регион?

Да, решен е проблемот, за жал со непопуларна мерка на одземање на надлежностите за регионално управување. Надлежностите за локално управување и работа на локалното јавно претпријатие остануваат, што значи дека тоа ќе го управува отпадот од домаќинствата до претоварните станици. Проблемот настана за управувањето со отпадот од претоварните станици до регионалната депонија, што ќе го преземе регионалното тело. Општината Свети Николе одби да учествува во регионалното тело, заради што ѝ беа одземени ингеренциите и беа номинирани лица кои ги заменија општинските претставници.

Што се однесува до тендерот за изградба на претоварните станици и централната депонија, тој е во подготовка, а најдоцна до крајот на годината ќе се распише. Ќе биде меѓународен и е финансиран со ИПА средства.

Има ли некакви потешкотии со општинските власти од другите три региони каде што треба да се градат регионалните депонии по ЕУ стандарди – општините Гостивар, Новаци и Василево преку заем обезбеден од Европската банка за обнова и развој? Како се одвива постапката за изградба на овие регионални депонии, кои активности се реализираат во моментов?

За депонијата „Русино“ во Гостивар дел од средствата се обезбедија и се имплементираа преку Швајцарската влада. Продолжуваме да работиме на рехабилитација на „Русино“, за да може да работи уште најмалку пет години, а во меѓувреме ќе бараме нова локација во Полог.

Сега имаме нов заем од Европската банка за обнова и развој од 55 милиони евра, каде Швајцарската влада повторно учествува со грант од девет милиони швајцарски франци. Новина е што почнавме да користиме парите и од механизмот WBIF, грант средства од ЕУ кои може да се користат заедно со заем. Државата аплицираше за првпат и доби можност 22,5 милиони од средствата да се грант, што значи ќе се задолжи само до 22,5 милиони евра.

Успеавме да добиеме и два милиони евра за изработка на документација за Југоисточниот и Вардарскиот регион, за депонијата во Василево, а во тек е тендерот за избор на компанија за изработка на документацијата. За Југозападниот регион и Пелагонија и депонијата во Новаци има изработена документација и се подготвува јавна набавка за да се купат канти, контејнери и возила за двата региона. Паралелно се прави и документацијата за претоварните станици и регионалната депонија, што значи дека работиме на повеќе полиња иако за жал земјава нема ниту една стандардна депонија. Срамно е што немаме основна инфраструктура за управување со отпад по европски стандарди. Но, работиме и ќе ја направиме инфраструктурата. Очекуваме, ако биде успешен тендерот за Свети Николе, првата регионална депонија да почне да работи во 2024 година.

Граѓаните реагираат дека депонијата во липковското село Никуштак се пали и го загадува воздухот. Кои се плановите на Министерството за животна средина и просторно планирање за оваа дива депонија во иднина?

Државата има преку илјада диви депонии кои ги создаваат граѓаните. Имаме финансирано многу за нивно расчистување во изминатите години, но забележуваме дека за кратко време повторно се полни. Постојано апелираме на совесност кај граѓаните, и мора да почнеме поинаку да се однесуваме. Ниту општините можат да постигнат, а ниту државата да им помага, бидејќи гледаме дека е бесцелно. Трошиме пари за чистење, а граѓаните повторно ги полнат.

Не знам каков апел да упатиме за да престане оваа навика. Објаснувањето е дека услугата за подигнување на градежен шут и ѓубре од домаќинства е скапа, но мислам дека не е недостижна. Секако чини пари, еден камион е две до три илјади денари, но потребата од таа услуга е многу ретка, дома се реновира еднаш на десет или 15 години. Мора да научиме да плаќаме за услугите за отпад.

Цените и за комуналниот отпад во моментот се минимални и се сметаат по квадратен метар. Во рамките на заемот од ЕБОР ќе правиме нова методологија со која цената ќе се смета врз основа на произведено количество отпад. Само така ќе ги намалиме количините отпад и само така ќе ги натераме граѓаните да селектираат. Заради тоа и правиме измена на Програмата за отпад и на општините ќе им дадеме канти и контејнери за предселекција на отпад.

 

Тендерот за скопската пречистителна станица заврши и се избра изведувач. Кога ќе отпочне изградбата и на кои активности се работи во моментов во однос на реализацијата на овој проект? Каква е соработката со ЈП „Водовод и канализација“ и градските власти во однос на проектот?

Треба да се завршат уште две активности за да може да почне изградбата на пречистителната станица. Тоа се експропријација на земјиште и урбано планирање и двете треба да ги заврши Градот Скопје. Рокот е веќе изминат и требаше да бидат завршени, а изградбата за започне.

Во моментов немаме директна комуникација со Градот Скопје, туку само преку работната група. Јас веќе апелирав Градот и „Водовод и канализација“ да бидат малку поактивни во процесот, бидејќи овие две активности се услов за Министерството да добие дозвола од банките да уплати авансен износ кон „Водовод“, а од таму кон изведувачот на проектот.

Се надевам дека овие обврски ќе бидат завршени што побрзо за да можеме да почнеме. Нема да дозволиме процесот да застане, а уште помалку да пропадне. Ќе почекаме уште еден или два месеци и ќе видиме што понатаму. Се работи за проект вреден 200 милиони евра, од кои 70 милиони се грант.

Го добивте ли извештајот по мисијата на експертите од Бернска и Рамсарска конвенција и УНЕСКО што пролетва беше реализирана во Охрид, во врска со загрозениот статус на светското културно и природно наследство на регионот?

Го добивме и не е негативен, останува статусот на Охридскиот Регион како заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО. Заедно со министерката за култура и повеќечлена делагација идната недела одиме во Ријад да дадеме извештај за статусот на активностите што државата и локалните самоуправи ги преземаат за да се исполнат барањата од претходните извештаи на УНЕСКО.

Во последниот извештај нема нови барања, остануваат истите кои се детерминирани досега. Што се однесува до барањата во делот за животната средина, особено околу законската регулатива, работиме и ги спроведуваме и имаме јасно зададени рокови за да ги изработиме документите кои треба да ги утврдат мерките и активностите за понатаму.

Кои мерки како Министерство за животна средина планирате да ги преземете во претстојната грејна сезона во насока на намалување на загадувањето на воздухот во Скопје и во останатите поголеми градови во земјава?

Апелираме до надлежните институции да ги реализираат активностите во Планот за намалување на загадувањето на воздухот. Министерството креира политики и помага финансиски. Еве и сега обезбедивме финансиска донација од 10 милиони евра за четири општини, Скопје, Куманово, Битола и Тетово кои се меѓу најзагадените во земјата. Најголем дел од средствата се за замена на системите за затоплување во јавните општински објекти, за набавка на шест еколошки автобуси за Скопје и за зазеленување на површини во сите општини, за што ќе се работи со експертите од Факултетот за шумарство за тоа кои садници би биле најсоодветни за градските средини.

Некои од општините побараа средства и за воспоставување на локални системи на автоматски мониторинг на состојбата со квалитетот на воздухот, иако ние во Министерството сметаме дека во државниот мониторинг систем недостасува само една станица во Штип. За неа се предвидени средства во буџетот за 2024 година и откако ќе ја поставиме, согласно директивите и агломерацијата на државата ќе имаме солиден мониторинг на квалитетот на воздухот. Одржувањето на мерните станици не е едноставно и евтино, и општините треба да имаат капацитети за да одржуваат локална мрежа. Јасно е дека имаат желба да имаат своја мрежа, но навистина е тешко да се одржува.

Мислам дека треба повеќе да се фокусираме на замена на нееколошките системи, општините да интервенираат покрај во јавните објекти и во домаќинствата и да се врши зазеленување, иако знаеме дека и со сите тие мерки котлините повторно ќе бидат загадени во зимските месеци, заради природните услови.

Ги следиме искуствата и од други држави кои се справувале со слични проблеми и ниту еден процес не бил завршен за помалку од десетина-петнаесет години. Мора постојано да се инвестира, граѓаните и малите и средни претпријатија мора да престанат да горат отпадни масла, гуми, пластика и да се одвикнеме од сите лоши пракси.

5 Коментари

  1. […] Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски, вели во интервју за Мета.мк министерката за животна средина и просторно […]

  2. […] Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски, вели во интервју за Мета.мк министерката за животна средина и просторно […]

  3. […] Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје веќе требаше да започне, рокот е веќе изминат, но за да се случи ова, Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски, вели за министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во интервју за Мета.мк. […]

Comments are closed.