fbpx

Мета факт: Безброј датуми и неостварени ветувања за регионалната депонија во Свети Николе

Мета.мк по извршените проверки констатира дека сите досегашни зададени рокови за распишување на тендерот за изградба се пробиени, дадените изјави се невистинити, а ветувањата дека ќе ја добиеме првата современа фабрика за отпад се неостварени во овие рокови

-

Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот на месецов информираше дека ќе ги одземе ингеренциите на Општина Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев, за управување со јавното претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Ова не е прво ветување на надлежното министерство во врска со изградбата на регионалната депонија за Источен и Североисточен регион, а Мета.мк може да констатира дека сите досегашни зададени рокови за распишување на тендерот за изградба се пробиени, дадените изјави се невистинити, а ветувањата дека ќе ја добиеме првата современа фабрика за отпад се неостварени во овие рокови.

Мета.мк на 5 март 2021 го објави текстот со ветувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање дека е почната тендерската постапка за избор на компанија за изградба на регионалната депонија во Свети Николе. Според тогашната изјава од ова министерство, изборот на компанија што ќе го спроведе регионалниот систем за управување со отпад требаше да заврши најдоцна до крајот на 2021 година, а во 2022 година се очекуваше почеток на изведбените работи на регионалната депонија што ќе се наоѓа во селото Мечкуевци. Сепак, оваа изјава не е вистинита.

По повеќе од две години подоцна, Мета.мк на 9 април 2023 година Министерството за животна средина соопшти дека ги одзело ингеренциите на Општината Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев, за управување со јавното меѓурегионално претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Одлуката на Министерството следи откако Општината и градоначалникот не ја прифатиле предвидената локација на која треба да се изгради регионалната депонија.

Живка Михајлова координатор на проектот од Источниот плански регион, во која учествуваат 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион изјави дека со одлуката на Министерството продолжува постапката за ставање во функција на јавното меѓурегионално претпријатие, избор на директор, вработени и со тоа имплементација на проектот.

Мета.мк постави прашање до Министерството за животна средина и просторно планирање за тоа до каде е постапката за изградба на регионалната депонија за Источен и Североисточен регион во селото Мечкуевци.

„Целокупната техничка и тендерска документација во изминатиот период се ревидираше. Се изработи урбанистичко-планска документација. Целата документација во моментов е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерство за финансии – Секторот за центално финансирање и склучување на договори, потоа следува одобрување од Делегација на Европска унија, по што тендерот ќе биде публикуван и ќе следи фаза од 3 месеци за достава на понуди и 3 месеци евалуациона постапка. Се очекува договорот да се склучи при крајот на 2023 година и да се започне со реализација“, гласи одговорот што го доби Мета.мк од Министерството за животна средина на 7 април 2023 година.

Претходно, Мета.мк на почетокот од февруари годинава објави дека надлежното министерство го проби рокот од почетокот на годинава за објавување на тендерот, кое самото си го зададе. Ветувањето на поранешниот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини дадено на 29 ноември 2022 година беше дека планира склучување на договорот и почеток на активностите за градба на регионалната депонија во Мечкуевци да почне во втората половина на 2023 година.

За пробивањето на роковите за реализацијата на овој проект реагираше и Европската комисија во Извештајот на реформскиот напредок на земјава кон ЕУ во 2022 година. Од ЕУ излегоа со јасна насока до македонските власти годинава да се посветат на спроведување на мерките за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, особено во Источниот и Североисточниот регион.

Притоа, во Извештајот на ЕУ, Општина Свети Николе беше експлицитно наведена дека го кочи процесот за изградба на современата регионална депонија за двата региона, за која веќе се обезбедени финансиски средства од ЕУ. Сепак, и текстот на Мета.мк од март 2021 година укажува дека пролонгирање на роковите имало и во периодот пред доаѓањето на актуелниот градоначалник на Свети Николе на власт по локалните избори од 2021 година.

Европската Комисија во Извештајот за 2022 година во делот ‘Животна средина и климатски промени’ токму изградбата на регионалните депонии, со особен акцент на онаа во Свети Николе за Источниот и Североисточниот регион, е посочена како една од трите клучни активности на кои властите треба да работат во текот на претстојнава година. Притоа, Европската комисија потсетува и на потребата за спроведување на активностите за затворање на нестандардните општински депонии и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот регион, која исто така е закочена поради пролонгирањето на роковите за изградба на регионалната депонија во Мечкуевци.

Врз основа на сите овие наведени податоци од претходните години, изјавата дадена од Министерството за животна средина и просторно планирање од 5 март 2021 година ја оценуваме како невистинита, а ветувањето за отпочнување на изградбата на регионалната депонија за Источен и Североисточен регион во близина на селото Мечкуевци во 2022 година го оценуваме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Мета.мк (5.3.2021 година): Тендерската постапка започната, до крајот на годинава ќе се знае кој ќе ја гради регионалната депонија во Мечкуевци, проверено на 10.4.2023 година;

Мета.мк (8.2.2023 година): И јануари помина, нема тендер за изградба на регионалната депонија во Свети Николе, проверено на 10.4.2023 година;

Мета.мк (9.4.2023 година): Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на Општината Свети Николе за регионалната депонија за отпад, проверено на 10.4.2023 година;

Мета.мк (13.10.2022 година): Кочењето на регионалната депонија во Свети Николе стигна до Извештајот на ЕК, проверено на 10.4.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...