И јануари помина, нема тендер за изградба на регионалната депонија во Свети Николе

Кумановската депонија „Краста“ е една од локациите која што треба да се рекултивира, да се претвори во претоварна станица и да се изгради постројка за компостирање на биолошки отпад; Фото: Мета.мк

Првиот месец од 2023 година помина, но не се остварија најавите за објавување на тендерот за изградба на првата регионална депонија по ЕУ стандарди во земјава. Модерната фабрика за отпад за Источниот и Североисточниот регион треба да се гради во Општина Свети Николе, а од Министерството за животна средина и просторно планирање кон крајот на ноември лани најавија дека очекуваат секторот за Централно финансирање и склучување договори (ЦФСД) и Делегацијата на Европската Унија да го одобрат тендерот до крајот на 2022 година, по што ќе следи и неговата објава.

„Следен чекор е објавување на тендерот по што ќе следи 90 дена период за доставување на понудите од заинтересираните понудувачи и спроведување на евалуционата постапка. Се планира склучување на договорот и почеток на активностите за градба во втората половина на 2023 година“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на 29 ноември лани.

До крајот на годината тендер за регионалната депонија во Свети Николе, изградбата догодина

Мета.мк во три наврати на 18, 23 и 30 јануари испрати прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање за тоа до каде е постапката за објавување на меѓународниот тендер за изградба на регионалната депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци, но не добивме одговор на поставените прашања. Кратко објаснување дека тендерот не е објавен стигна во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање објавено на 2 февруари, во кое се пренесува изјавата на министерот за животна средина Насер Нуредини.

„Регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион се финансира преку ИПА програмите и наскоро се очекува започнување на тендерската постапка“, е изјавата на министерот Нуредини од 2 февруари годинава.

Инаку, тендерската постапка за пронаоѓање компанија што ќе ја гради регионалната депонија за Источен и Североисточен плански регион се одолговлекува веќе подолг период наназад, а проблемот со кочењето на изведбата на овој проект беше нотиран и во последниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија на патот кон ЕУ за 2022 година на Европската Комисија, која побара од македонските власти да се посветат на овој проект годинава.

„Воведувањето на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот и Источниот регион дополнително е одложено поради отпорот на општина Свети Николе како локација каде треба да се гради централниот капацитет за управување со отпад“, се наведува од Европската комисија во Извештајот на реформскиот напредок на земјава кон ЕУ во 2022 година.

Кочењето на регионалната депонија во Свети Николе стигна до Извештајот на ЕК

Во Извештајот на ЕК во делот на поглавјето за Животна средина и климатски промени токму изградбата на регионалните депонии, со особен акцент на онаа во Свети Николе за Источниот и Североисточниот регион, се посочени како една од трите клучни активности на кои властите треба да работат во текот на претстојнава година.

Финансиските средства за современата фабрика за отпад за двата региона се обезбедени преку ИПА 2 програмата на ЕУ и истите претставуваат неповратен грант во износ од околу 40 милиони евра. Оваа регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад.

Со нејзината изведба, треба да се затворат постојните нестандардни општински депонии во Источниот и Североисточниот плански регион, коишто претставуваат опасни еколошки точки поради неконтролираното загадување на почвите и водите од исцедокот на депониите и на воздухот поради повременото палење на отпадот.

Покрај современиот третман на отпадот во идната регионална депонија во Мечкуевци, којшто подразбира спречување на продорот на исцедокот од отпадот во почвата и водите, на оваа локација ќе се подигнат погони за секундарна селекција на собраниот отпад, како и на постројки за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг и компостирање на градинарски отпад. Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата.

Инаку, целата 2022 година измина во тензична атмосфера околу темата за изградба на регионалната депонија за Источен и Североисточен плански регион. Општина Свети Николе пред една година се изјасни дека не се согласува да се гради овој проект на локацијата близу селото Мечкуевци. И покрај апелите од другите градоначалници од двата региони да не се спречува реализацијата на проектот од Општина Свети Николе, локалните власти од Свети Николе не се откажаа од противењето на изградбата, заканувајќи се со распишување на референдум за изјаснување на граѓаните на општинско ниво.

Општина Свети Николе не сака регионална депонија во Мечкуевци, под ризик да пропаднат 40 милиони евра

По ваквиот расплет, Министерството за животна средина и просторно планирање во април минатата година се закани со одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот за изградба на регионална депонија во Источен и Североисточен плански регион. Критериумот од ЕУ за да отпочне реализација на проектот е да биде целосно оформена раководната структура на јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“.

Владата ќе ги одземе ингеренциите на општина Свети Николе за регионалната депонија во Мечкуевци

Поврзан со изградбата на регионалната депонија во Општина Свети Николе е и проектот на ЕУ за затворање на дивите депонии и ѓубришта во сите општини од Источен и Североисточен плански регион. Расфрланиот отпад на овие локации треба да се откопа и да се транспортира, четири од постојните општински депонии да се санираат и затворат со изведба на покривен слој и да се изведат системи за собирање на исцедок и гасови, додека на уште пет од сегашните општински депонии треба да се изгради дренажа за собирање на исцедокот.

Мета факт: Споровозно се исполнува ветувањето за чистење на депониите во Источен и Североисточен регион