Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на Општината Свети Николе за регионалната депонија за отпад

На локацијата околу мега-паркот преостанува да се исчисти преостанатиот отпад, но и да се спречи натамошно трупање, 31 март 2023 година; Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на Општината Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев, за управување со јавното претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Одлуката на Министерството следува откако Општината и градоначалникот не ја прифатија предвидената локација на која треба да се изгради регионалната депонија.

Живка Михајлова координатор на проектот од Источно планскиот регион, во којашто учествуваат 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион, за МИА вели дека со одлуката на Министерството продолжува постапката за ставање во функција на претпријатието, избор на директор, вработени и со тоа имплементација на проектот.

„Ингеренциите на Општина Свети Николе во поглед на одлуки поврзани со регионалната депонија се одземени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на оваа постапка Свети Николе таму не донесува одлуки, во нивно име донесува Министерството, а сите други општини нормално си ги донесуваат одлуките како што налага целиот процес. Таа локација не беше избрана туку така, туку беше правена цела студија за изводливост, па така таа се прифати“, вели Михајлова.

Од Министерството очекуваат тендерската постапка за избор на компанија да заврши до крајот на годинава, а од наредната да се започне со градба. Информираат дека урбанистичко планската документација е изработена и е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерството за финансии и Делегација на Европска унија, со што ќе се создадат услови за распишување тендер.

Мета. мк подолго време ја следи темата со изградба на првата регионална депонија по ЕУ стандарди во земјава. Тендерската постапка за пронаоѓање компанија што ќе ја гради регионалната депонија за Источен и Североисточен плански регион се одолговлекува веќе подолг период наназад, а проблемот со кочењето на изведбата на овој проект беше нотиран и во последниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија на патот кон ЕУ за 2022 година на Европската Комисија, која побара од македонските власти да се посветат на овој проект.