Кочењето на регионалната депонија во Свети Николе стигна до Извештајот на ЕК

Кумановската депонија „Краста“ е една од локациите која што треба да се рекултивира, да се претвори во претоварна станица и да се изгради постројка за компостирање на биолошки отпад; Фото: Мета.мк

Македонските власти наредната година треба особено да се посветат на спроведувањето на мерките за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, особено во Источниот и Североисточниот регион. Општина Свети Николе е експлицитно наведена дека го кочи процесот за изградба на современата регионална депонија за двата региона, за која веќе се обезбедени финансиски средства од ЕУ.

„Започнаа активности за изградба на регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Воведувањето на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот и Источниот реегион дополнително е одложено поради отпорот на општина Свети Николе како локација каде треба да се гради централниот капацитет за управување со отпад“, се наведува од Европската комисија во Извештајот на реформскиот напредок на земјава кон ЕУ во 2022 година.

Од Европската комисија во Извештајот нотираат дека за управување со отпад, веќе е усвоен Националниот план за управување со отпад (2021-2031), додека Националниот план за превенција на отпад (2021-2027) е подготвен, но сè уште не е усвоен.

Во Извештајот на ЕК во делот на Животната средина и климатски промени токму изградбата на регионалните депонии, со особен акцент на онаа во Свети Николе за Источниот и Североисточниот регион, се посочени како една од трите клучни активности на кои властите треба да работат во текот на претстојнава година. Притоа, Европската комисија потсетува и на потребата за спроведување на активностите за затворање на нестандардните општински депонии и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот регион.

Раководните структури на регионалните системи за управување со отпад сè уште не се целосно оперативни, критикуваат од Европската комисија, додавајќи дека селекцијата и одвоеното собирање на отпадот и економските инструменти за промоција на рециклирањето, повторната употреба и спречувањето на отпадот, остануваат ограничени.

На последниот брифинг што го одржа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на почетокот од октомври годинава, тој се задржа и на темата околу кочењето на изградбата на современата регионална депонија од страна на Општина Свети Николе.

Нуредини на брифингот рече дека во моментов се работи на тендерската документација која што треба да биде комплетирана пред објавувањето на меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе ја гради модерната фабрика за отпад кај селото Мечкуевци.

Во однос на противењето на Општина Свети Николе за изградба на идната депонија, министерот Нуредини изјави дека ако се согласуваат 10-15 општини од овие региони, а само една општина се спротивставува, тогаш регионалната депонија ќе биде изведена.

Воедно, министерот Насер Нуредини додаде дека нема смисла сега да отпочне чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот регион, сè до оној момент додека не се изгради регионалната депонија, бидејќи депониите со отпад одново би се создале.

Меѓународниот тендер за изградба на современата регионална депонија во Општина Свети Николе требаше да се објави на почетокот од 2022 година, откако лани имаше исто така одложувања на проектот од страна на општинските власти. Работата најпрво запна кај изборот од Општина Свети Николе на претставници во новото регионалното комунално претпријатие, по што новиот градоначалник на општина Свети Николе, Дејан Владев рече дека нивната општина е против изградба на новата регионална депонија кај овчеполското село Мечкуевци.

И по состанокот на градоначалниците, Свети Николе против изградба на регионалната депонија кај Мечкуевци

Изминатава година ваквото противење на изградбата на современата фабрика за отпад беше потврдено и од општинскиот совет на Свети Николе, со најава за распишување на локален рефендум на кој жителите би се прашале дали се согласуваат за изведба на овој капитален инфраструктурен објект на нивната територија.

Статус кво со изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, постојните депонии се палат

Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање пролетва еднаш се закани со отпочнување на процедура за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот за изградба на регионална депонија во Источен и Североисточен плански регион. Општината ќе нема ингеренции, но ќе има претставници во новото регионалното комунално претпријатие кои би биле предложени од самото министерство.

Владата ќе ги одземе ингеренциите на општина Свети Николе за регионалната депонија во Мечкуевци

Оформувањето на регионален систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион е финансирано со неповратни средства од 40 милиони евра од страна на ЕУ. Проектната документација за регионалната депонија веќе е изработена, набавена и дистрибуирана беше опремата и возилата за селекција и транспорт на отпадот, а беа избрани и две компании кои треба да ги исчистат постојните ѓубришта и нестандардни депонии во двата региона.

Сепак, како клучно останува прашањето на изведба на регионалната депонија, при што во Мечкуевци треба да се изгради бетонското корито за одлагање на отпад, погони за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка ќе има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, по што би се вршело рециклирање на материјалот.