И по состанокот на градоначалниците, Свети Николе против изградба на регионалната депонија кај Мечкуевци

Отпад на депонијата Русино кај Гостивар | Фото: Мета.мк

Градоначалниците од Источниот плански регион вчера ја одржаа првата седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпадот во Источен плански регион. Овој одбор ќе ја следи работата на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“, коешто до денешен ден не е дооформено. Со овој одбор ќе претседава градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова вчера учествуваше на првата редовна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источниот плански регион, при што таа информираше за актуелната состојба, предизвиците и активностите кои се преземаат за реализација на проектите за воспоставување на интегриран систем за управување со отпад во регионот.

Сепак, и по седницата градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев рече дека нивната општина е против изградба на новата регионална депонија кај овчеполското село Мечкуевци. Тој го повтори ставот дека е неопходно да се најде друга локација на која што би се изградила регионалната депонија.

„Во наредниот период ќе поминеме и на совет, со којшто ќе излеземе и формално од оваа регионална депонија“, изјави вчера градоначалникот Владев.

Наспроти него, штипскиот градоначалник Иван Јорданов рече дека одлуката на општина Свети Николе ќе има негативни последици.

„Ова ќе значи враќање на постапката неколку години наназад, што нас како регион во никој случај не ни одговара, така што мислам дека ова прашање треба да се решава на повисоко ниво. Одлуката е донесена локацијата да биде во Мечкуевци, Свети Николе“, изјави штипскиот градоначалник Јорданов.

Поради несогласувањето на Општина Свети Николе, веќе со месеци наназад се одолговлекува дооформувањето на јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад. Имено, Советот на општина Свети Николе треба да назначи член на надзорен и управен одбор на претпријатието, по што би следел изборот на директор. Само со целосно оформено претпријатие, Европската Унија ќе дозволи распишување на меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија кај Мечкуевци.

Токму распишувањето на тендерската постапка се одложи од минатата година за годинава, иако регионалната депонија кај Мечкуевци треба да се гради со неповратни средства од ЕУ во висина од околу 40 милиони евра. Покрај изведбата на модерна депонија по европски стандарди, обезбедени се средства и за чистење на сите нестандардни општински депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот плански регион. Преку овој проект, општините од Источниот плански регион веќе добија контејнери за селекција на отпадот, камиони и опрема.

Идејата на Општина Свети Николе да се бара друга локација на која би се градела регионалната депонија ќе отвори целосно нова постапка за изработка на проектна документација, во која ќе бидат потребно да се вложат неколку милиони евра и да се потрошат неколку години на нејзината изработка. Дополнително, постои опасност ЕУ да не ја прифати ваквата идеја и да ги повлече средствата од околу 40 милиони евра.

Мета.мк разговараше минатата недела и со Борче Кузмановски, програмски координатор за зелена економија од Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „Гоу Грин“.

„Ние како здружение за заштита на животната средина го поддржуваме регионалното управување со отпад и изградбата на депонии, бидејќи планот опфаќа повеќе активности од само градење на депонија – изградба на инфраструктура, како што се трансфер станици, канти и контејнери за селекција, собирање на отпадот, односно систем на примарна селекција и возила за транспортирање на отпадот“, рече Борче Кузмановски од „Гоу Грин“.

Од „Гоу Грин“ упатуваат апел до граѓаните да не се фокусираат „ЗА“ или „ПРОТИВ“ регионалните депонии, туку будно да ја мониторираат состојбата на терен при нивното градење, односно дали регионалните депонии ги исполнуваат стандардите на ЕУ и Директивата за депонии.

Инаку, блокадата што ја најавува Општина Свети Николе е последна од минирањето на реализацијата на регионалните системи за управување со отпад во земјава. Во 2019 година идентичниот потег се случи со Општина Дебарца за регионалната депонија за Југозападниот плански регион, а Општина Гостивар во неколку наврати периодов навестуваше дека не сака „Русино“ да биде регионална депонија за Полошкиот регион.

Главната критика на граѓаните од Свети Николе е носењето на отпадот од другите општини на локацијата кај Мечкуевци, бидејќи постојните нестандардни депонии во другите општини од Источна и Североисточна Македонија ќе треба да се затворат. Сепак, Мета.мк веќе пишуваше дека самата регионална депонија во Мечкуевци ќе значи воспоставување на систем за селекција, рециклирање и компостирање на отпадот, којшто ќе значи помал процент од собраниот комунален отпад да заврши на депонија.

Исто така, пред воопшто да почне да се носи отпад во Свети Николе од другите општини, на локацијата ќе се изведе систем за третман на исцедокот од депонијата, додека одлагањето ќе се врши со прекривка на почвата, односно ќе се преземат мерки за да не се загадува почвата, водата и воздухот. Наспроти ова, Општина Свети Николе во моментов има сопствена депонија во близина на селото Немањици, која што не задоволува никаков критериум за одлагање на отпад, а изминатава есен беше запалена и со денови го загадуваше воздухот во Свети Николе.