ЕУ чека, општините 7 месеци се договараат кој ќе управува со регионалната депонија во Свети Николе

Локацијата во Трубарево каде што треба да се гради скопската пречистителна станица Фото: Архива на Мета.мк

Изградбата на првата локација во земјава на која што по европски стандарди ќе треба да се депонира и рециклира отпадот очајно доцни. Иако Општина Свети Николе во февруари годинава се согласи на формирање на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“, веќе седми месец 18-те општини од Источниот и Североисточниот плански регион не може да се согласат кој ќе биде директор – општината на чија локација ќе се наоѓа регионалната депонија (Свети Николе) или општината која што создава најмногу отпад (Куманово).

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ потврдуваат дека сите општини не можеле да одржат совети и да номинираат лица, така што по локалните избори останува да се дооформи ова меѓу-регионално претпријатие.

„Се надеваме дека нема да влијае многу на процесот иако има забелешки од страна на ЕУ за бавноста во имплементацијата од страна на општините“, признаваат од ова Министерство.

Оформувањето на регионален систем за управување со отпад во овие два региона е финансирано со неповратни средства од 40 милиони евра од страна на ЕУ. Целокупната документација веќе е изработена, набавена е опрема и возила за селекција и транспорт на отпадот, но клучно останува прашањето на изградбата на регионалната депонија во близина на селото Мечкуевци, Општина Свети Николе.

„Договорот со најповолниот понудувач да се потпише во октомври 2021 година, со што ќе започне всушност и изградбата. Услов од Брисел е да се воспостави претпријатието бидејќи всушност тоа е крајниот корисник“, информираше за „Мета.мк“ кон крајот на минатата година Живка Михајлова, Раководител на Стручната служба на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион и Раководител на Одделение за инспекциски работи во Општина Пробиштип.

Најновиот датум со кој располага Министерството за животна средина и просторно планирање е почетокот на 2022 година, како период кога би бил распишан тендерот за изведба на регионалната депонија, која што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад.

Покрај депонијата што ќе ги задоволува строгите стандарди на ЕУ, на локацијата во Мечкуевци би се изградиле одделни погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка ќе има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На оваа локација би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад.

Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата, а останатото селектирано ѓубре ќе го помине процесот на преработка.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање немаа конкретен одговор на прашањето на „Мета.мк“ што ќе се случи доколку градоначалници од различни политички партии победат на претстојните локални избори во двата плански региона, кои би се спротивставиле на изградбата на регионалната депонија.

„Се надеваме дека до тоа нема да дојде, бидејќи пред сè се работи за национален интерес (не политички)“, се вели во одговорот на ова Министерство.

Североисточниот и Источниот плански регион не се единствените во земјава каде што има надмудрувања и препирки меѓу самите општини во однос на воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад. Со речиси идентичен проблем се соочува и Полошкиот плански регион, каде што има идентична блокада во оформувањето на меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад. Исто како што ЕУ е сериозно заинтересирана да инвестира во Истокот и Североистокот, Швајцарија сака да инвестира во регионалниот систем за управување со отпад во Полог.

Изградбата на регионалните депонии во изминативе години се соочуваше со бројни пречки и во другите региони од земјава – во општина Дебарца за Југозападниот плански регион, како и општина Росоман во Вардарскиот плански регион. Заинтересираните инвеститори кои сакаат да им го решат на општините проблемот со управувањето на отпадот веќе стана пракса да се откажуваат поради меѓусебните препукувања на општините.

Во меѓувреме, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека од година во година опаѓаат инвестициите и трошоците за постапување со отпадот во земјава. Лани во постапувањето со отпадот сме инвестирале само 25,9 милиони евра, додека една година претходно биле вложени 30,9 милиони евра. Најголема вредност инвестициите и трошоците за постапување со отпад имале во 2018 година – 117,8 милиони евра и 2017 година – 126,6 милиони евра. Покрај сите други ставки, во овие вредности влегуваат и инвестициите во регионалните системи за управување со отпад.

Да потсетиме, „Мета.мк“ веќе во неколку наврати потсетуваше дека постојано расте количеството на создаден комунален отпад во земјава, кое лани достигна огромни 913.033 тони. Сепак, заедно со порастот на килограмите ѓубре што ги создаваме како граѓани, не се градат современите регионални депонии, на кои отпадот би се селектирал и рециклирал/компостирал. Како последица на ова, редовно низ земјава се појавуваат диви депонии, кои се голема опасност по здравјето на граѓаните и загадувањето на водите, почвите и воздухот.