Џабе се жалиме дека ѓубрето нè труе ако ја спречуваме изградбата на современи депонии

Фото: Мета.мк

Одложувањето на изградбата на регионалните депонии во земјава единствено е на штета на граѓаните и на животната средина. Покрај тоа што ги загадуваат почвите, водата и воздухот, постојните општински депонии се со ограничен капацитет и тие еден ден ќе се наполнат. Од друга страна, регионалните депонии што би се изградиле се поразлични од она што го имаме сега, бидејќи на нив ќе се одлага само преработениот неопасен отпад.

Ова го објаснува Борче Кузмановски, програмски координатор за зелена економија од Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „Гоу Грин“ по минатонеделната изјава на градоначалникот на општина Свети Николе дека тие не се согласуваат да се гради регионалната депонија по европски стандарди во овчеполското село Мечкуевци.

„Моментално со општинските “привремени” депонии не се управува на правилен начин, односно отстранувањето отпад во техничка и оперативна смисла не е во согласност со ниту еден од меѓународните стандарди за депонии. Собраните количини од контејнерите за комунален отпад се депонираат без никаков претходен третман, што резултира со директно загадување на почвите, подземните води, климата, односно за животната средина воопшто, како и за здравјето на луѓето“, вели за Мета.мк Борче Кузмановски.

Наспроти ова, регионалните депонии, вклучувајќи ја и онаа што треба да се гради во Општина Свети Николе, ќе бидат центри за преработка на отпадот, додека ќе се депонира единствено дел од неопасниот отпад со негово правилно распространување на локацијата, прекривка на почвата и правилен третман на исцедокот за да не се загадува почвата, водата и воздухот.

„Градоначалниците треба да покажат поголема конструктивност и нивна заложба за имплементација на системот. Они се тие кои им служат на граѓаните и треба да им овозможат подобри услови за живот. Оттука, треба да најдат соодветен механизам за како да го искомуницираат тоа со граѓаните, да им се објасни и што всушност значи изградба на таков центар или депонија“, објаснува Борче Кузмановски од „Гоу Грин“.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк не сакаа да ги коментираат најавите на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев дека локалната власт не сака да се гради современата фабрика за третман на отпадот кај Мечкуевци, но и најавите за распишување на референдум во општината. Од Министерството накратко велат дека неделава ќе има состанок меѓу нив и градоначалниците од Источниот плански регион, на којшто ќе се разговара токму на оваа тема.

Инаку, Општина Свети Николе веќе неколку месеци наназад го кочи дооформувањето на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Општинскиот совет треба да назначи член на надзорен и управен одбор на претпријатието, по што би следел изборот на директор. Само со целосно оформено претпријатие, Европската Унија ќе дозволи распишување на меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија кај Мечкуевци.

Локалните власти го одолговлекуваат објавувањето на тендерската постапка, коешто требаше да се случи на почетокот на годинава. За изградба на регионалната депонија се обезбедени неповратни средства од ЕУ од околу 40 милиони евра, а општините од Источниот плански регион веќе добија контејнери за селекција на отпадот, камиони и опрема. Исто така, во Источниот и Североисточниот плански регион предвидено е да се исчистат дивите депонии и да се затворат постојните општински депонии, но сето ова е сврзано со конечното воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот.

Во делот на комуницирањето со граѓаните за потребата од регионална депонија, од „Гоу Грин“ велат дека може да се формираат работни групи, да се организираат обуки, да се вклучат експерти, коишто сите заедно, можат да му помогнат на градоначалникот да им објасни на луѓето дека станува збор за проект за подобрување на условите во општината во која живеат.

Сепак, со новиот Закон за управување со отпадот јасно се дефинира периодот во кој општините имаат рок да го воспостават регионалниот систем за управување со отпад, и ако за 2 години од донесувањето на спогодбата не го направат тоа, тогаш надлежноста ја презема Владата. Воедно, вели Борче Кузмановски од „Гоу Грин“, постои можност општините да се откажат од воспоставувањето на ваквиот систем и во тој случај неговото основање треба со одлука да ѝ го доделат на Владата.

„Досегашното регионално управување со отпад не покажа резултати и доколку се продолжи да се остварува и понатаму без да се преземат соодветни мерки за негово унапредување, постојните проблеми и трошоци ќе се продлабочуваат. Неправилното управување со моменталните депонии ќе остане како принцип и притисокот врз животната средина само ќе се зголемува“, додава Борче Кузмановски.

Наспроти ова, регионалните системи за управување со отпад, коишто ја опфаќаат и изградбата на новите депонии, веќе се проверена практика во европските земји што дава многу добри резултати. Тие предвидуваат селекција на отпадот од страна на самите граѓани, негово собирање и носење до претоварните трансфер станици каде ќе се врши секундарна селекција и каде ќе има компостари за биолошки отпад. Од овие претоварни станици на регионалната депонија ќе се носи отпадот, но само дел од него ќе се депонира.

Конкретно, регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци треба да има погони (постројки) за третман на отпадот, и тоа: механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка треба да има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На локацијата би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад. Ова досега не се работело на ниту една локација во земјава, односно отпадот единствено се депонирал.

„Ние како здружение за заштита на животната средина го поддржуваме регионалното управување со отпад и изградбата на депонии, бидејќи планот опфаќа повеќе активности од само градење на депонија – изградба на инфраструктура, како што се трансфер станици, канти и контејнери за селекција, собирање на отпадот, односно систем на примарна селекција и возила за транспортирање на отпадот“, вели Борче Кузмановски од „Гоу Грин“.

Од „Гоу Грин“ упатуваат апел до граѓаните да не се фокусираат „ЗА“ или „ПРОТИВ“ регионалните депонии, туку будно да ја мониторираат состојбата на терен при нивното градење, односно дали регионалните депонии ги исполнуваат стандардите на ЕУ и Директивата за депонии.

Инаку, Општина Свети Николе е последниот пример за блокада на изградбата на регионалната депонија за Источен и Североисточен плански регион. Во 2019 година идентичниот потег се случи со Општина Дебарца за регионалната депонија за Југозападниот плански регион, а Општина Гостивар во неколку наврати периодов навестуваше дека не сака „Русино“ да биде регионална депонија за Полошкиот регион.