Владата ќе ги одземе ингеренциите на општина Свети Николе за регионалната депонија во Мечкуевци

Депонијата во Куманово е една од еколошките жешки точќи во Североисточниот плански регион; Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) ја започна процедурата за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот за изградба на регионална депонија во Источен и Североисточен плански регион. Општината ќе нема ингеренции, но ќе има претставници во новото регионалното комунално претпријатие.

Одземањето на ингеренциите ќе биде само во делот на функционирање на регионалното комунално претпријатие за управување со идната депонија. Двајца жители на Свети Николе ќе бидат предложени од Министерството за да бидат претставници во новото комунално претпријатие.

Ваквиот чекор на централната власт следи откако Советот на општина Свети Николе на 25 февруари годинава донесе одлука за дислокација на регионалната депонија од селото Мечкуевци. Одлуката следи откако градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев во неколку наврати претходно рече дека е против изградбата на современата фабрика за отпад за двата плански региона кај селото Мечкуевци, и притоа се закани дека ќе распише референдум во Свети Николе доколку владата се одлучи да ѝ ги одземе ингеренциите на општината во однос на депонијата.

Општина Свети Николе најпрво го одолговлекуваше поставувањето на свои членови во раководната структура на јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Целосната функционалност на ова претпријатие е услов од Европската Унија за да се распише тендерот за изградба на регионалната депонија кај селото Мечкуевци. Поради ваквото одлагање, распишувањето на тендерот се одложуваше од лани за почетокот на годинава.

ЕУ чека, општините 7 месеци се договараат кој ќе управува со регионалната депонија во Свети Николе

Новото општинско раководство во Свети Николе што се избра на минатогодишните локални избори зазеде отворен негативен став против изградбата на регионалната депонија, за која веќе се обезбедени неповратни средства од Европската Унија. Сите други локални власти од Источен и Североисточен плански регион се согласни за да се гради општинската депонија, а со парите од ЕУ сите општини веќе добија контејнери за селекција на отпадот, камиони за транспорт и друга современа опрема.

Заедно, со изградбата на регионалната депонија кај Мечкуевци, треба паралелно да тече постапката за чистење на сите нестандардни општински депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот плански регион, коишто во моментов претставуваат опасност по животната средина во секоја од 18-те општини од источниот дел на земјава. Поради несогласувањето на Општина Свети Николе, и чистењето и рекултивацијата на локациите е одложено.

Цела година се одлага чистењето на депониите и ѓубриштата во општините од источна Македонија

Инаку, во близина на овчеполското село Мечкуевци би се изградила првата современа депонија по стандардите на ЕУ во Македонија. Таа треба да опслужува околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад.

Проблемот со третманот на отпадот го „ставаме под тепих“, резултат ни се дивите депонии [мултимедија]

За Општина Свети Николе е значајно што со изградбата на новата фабрика за отпад ќе се затвори постојната нестандардна депонија во овој град, која што се пали и го загадува воздухот, но и почвите поради несоодветно складираниот отпад. Воедно, на новата локација во Мечкуевци би се изградиле одделни погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење.

Во идната регионална депонија во Свети Николе ќе има и посебна постројка за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На оваа локација би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад.

Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата, а останатото селектирано ѓубре ќе го помине процесот на преработка.

Од Европската Унија воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад го оценија како еден од националните приоритети во процесот на преговорите на Северна Македонија за зачленување во ЕУ. Земјава секоја година добива критики од Европската Комисија во Извештајот за реформскиот напредок во врска со бавната реализација на регионалните депонии, коишто по правило со години наназад се кочат од општините каде што е предвидена нивната изградба.

Цели 17 години се чека на изградба на регионалните депонии, ЕУ бара акција од властите