НАТО не препорачува и не подготвува војна. НАТО е одбранбена алијанса и мит е дека оваа организација е во војна со Русија или сака да предизвика конфликт со Русија, како што тоа сака да го прикаже пропагандата на Кремљ, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која тврди дека НАТО препорачува и прави војна.
НАТО препорачува и прави војна : ” БИДЕТЕ СПРЕМНИ ЗА ВОЈНА “. Нато и Русија колку се поблиску еднен до друг ,МОЖНОСТА ЗА ВОЈНА Е ПОГОЛЕМА !!! Русија не може да ја смени својата локација но нато МОЖЕ, стои во објавата.
Но, изјавата на Бауер пренесена во објавата која ја анализираме е нецелосна и таа е прикажана така што да изгледа како Бауер, односно НАТО да се подготвува за војна. Наративот дека НАТО препорачува и подготвува војна не е нов и тој е производ на пропагандата на Кремљ. Русија, од почетокот на воената инвазија врз Украина, со цел да го оправда својот напад, постојано се правда дека се брани од НАТО и дека војува со НАТО, иако тоа не е точно.
Изјавата на Бауер, исто така, не е нова и датира од јануари 2024 година. Во целосната изјава може да се слушне како Бауер јасно нагласува дека НАТО не бара никаков конфликт, ниту, пак, се подготвува да нападне, туку им препорачува на граѓаните да направат основни подготовки доколку некој ги нападне за да можат да преживеат првите денови.
Треба да имате вода, треба да имате радио на батерии и треба да имате светилка на батерии за да бидете сигурни дека можете да ги преживеете првите 36 часа. Такви работи, тоа се едноставни работи. Не можеме сè да планираме, нема сè да биде веројатно во следните 20 години. Не велам дека утре ќе тргне наопаку. Но, мораме да сфатиме дека не ни е дадено да сме во мир. И затоа ги имаме плановите. Затоа се подготвуваме за конфликт со Русија и со терористичките групи. Ако дојде до тоа, ако не нападнат, ние не бараме никаков конфликт, но ако тие не нападнат нас, мора да бидеме подготвени, вели Бауер.
Значи, тој јасно нагласува: „Ако не нападнат, ние не бараме никаков конфликт“. Но овие негови зборови во видеото споделено во објавата која ја анализираме се намерно пропуштени за да звучи како НАТО да сака да предзивика војна и ги подготвува граѓаните за тоа.
НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа и гинат голем број цивили и војници на украинска територија.
На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа по Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.
НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови, пишува на страницата на НАТО.
Дека НАТО не бара конфронтација, јасно е нагласено и на официјаллната веб страница на Алијансата.
НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија. Алијансата ќе продолжи да одговара на руските закани и акции на обединет и одговорен начин. Ние значително ги зајакнуваме нашето одвраќање и одбрана, ги поддржуваме нашите партнери и ја зајакнуваме нашата отпорност. Ова вклучува повикување на акциите на Русија и спротивставување на дезинформациите. НАТО не е во војна со Русија. Ние не бараме конфронтација со Русија. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е предвидено во Повелбата на ОН. Како одговор на агресивните дејствија на Русија, ние продолжуваме да го зајакнуваме нашето одвраќање и одбрана за да се осигураме дека нема простор за недоразбирање дека НАТО е подготвен да го заштити и брани секој сојузник, пишува НАТО дебанкирајќи ги руските дезинформации дека Алијансата е во војна со Русија.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека НАТО не препорачува и не подготвува војна. НАТО е одбранбена алијанса и мит е дека оваа организација е во војна со Русија или сака да предизвика конфликт со Русија, како што тоа сака да го прикаже пропагандата на Кремљ. Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме за неточна.