По две одложени судења, денеска започна рочиштето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
На обвинителната клупа за првпат заедно седнаа Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видески и таткото на Вања, Александар Ѓорчески.
Обвинението против Палчо е споено со она против Кешишов, Манев и Видески, кои се осомничени за грабнување според член 141 од Кривичниот законик и за две убиства на свиреп начин – едно на малолетно лице и едно од користољубие.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, се сомничи дека им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице.
На почетокот од судењето, обвинителката во овој предмет Жаклина Крстевска-Јосифовска посочи дека мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, побарала исклучување на јавноста и судење зад затворени врати. Според неа, мајката на Вања сакала да го заштити нејзиниот и приватниот живот на помалата ќерка, бидејќи медиумските известувања за овој случај ѝ влијаеле.
Против исклучување на јавноста, пак, се изјаснија дел од адвокатите на обвинетите, по што судот одлучи да не го прифати предлогот на обвинителството.
Обвинетите пред Судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни, за што нивната одбрана дополнително ќе достави докази до Судот.
Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо се изјасни дека не чувствува вина и рече дека станува збор за „политички монтиран процес“. Тој пред судот кажа дека воопшто не се познава со таткото на Вања Ѓорчевска.
„Александар е наместен од полицијата дека има врска помеѓу нас. Јас овој човек не го познавам, ниту Обвинителството има докази за тоа. Целиот процес е монтиран, се викаа и организираа медиуми да ме сликаат како ме носат во суд. Ова обвинителство нема ниеден доказ, ниту ми се овозможени сите услови за одбрана”, рече Палчо.
Палевски кажа оти не избегал во Србија и потоа во Турција, туку дека го планирал ова патување.
Александар Ѓорчевски рече дека не учествувал во грабнувањето на неговата ќерка како што тврди обвинителството. И тој негираше дека се познава со Палчо.
„Јас загинав на 27 ноември, чувствувам болка што не може да се објасни со зборови. Но, во овој процес ќе помогнам целосно да се расчисти оваа работа со имиња и презимиња”, рече Ѓорчевски.
Денешното рочиште заврши со исказите на Обвинителството и обвинетите. Следното е закажано за 7 октомври, кога ќе сведочи мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска.
Сведоци ќе бидат повикани и на другите рочишта што ќе се одржат на 9, 14, 16 и на 18 октомври.
Според обвинението, Палевски, Кешишов, Манев, Видевски на 22.11.2023 година го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, велат од Јавното обвинителство.
Пет дена подоцна, на 27.11.2023, четворицата извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.
„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете“, се вели во соопштението.
Четворицата, со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Потоа, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда.
„Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.