Владата во соопштение во врска со проширената позитивна листа на лекови, тврди дека „за само 2 месеци од мандатот, Владата, Министерството за здравство и ФЗО ја проширија позитивната листа на лекови“. Оваа изјава е делумно точна, со оглед на два факти: прво, постапката за проширување на листата со лекови е започната уште во јуни 2023 година, и второ, овој владин состав ја финишираше процедурата најавувана долго време од претходни министри за здравство.
За само 2 месеци од мандатот, Владата, Министерството за здравство и ФЗО ја проширија позитивната листа на лекови. По една деценија, од денеска граѓаните ќе можат да ги земаат новите лекови на позитивната листа од аптеките. На листата се додадоа девет нови генерици, односно 87 лекови во различни имиња, форми, јачина и пакување и тоа за крвен притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. Последното проширување на позитивната листа беше во 2009 години и во 2014 кога се додал само еден лек. Но, од денеска таа е проширена за 9 нови лекови, наведено е во соопштението на Владата.
Пред пред повеќе од една година беше формирана Комисија за позитивната листа, кога министер за здравство беше Фатмир Меџити. Тогаш тој кажа дека комисијата е составена од експерти од МЗ, од ФЗО, од Агенцијата за лекови, од Институтот за преклиничка фармакологија, како и од доктори и специјалисти од универзитетските клиники.
Лани на 23 јуни надлежните од поранешниот владин состав потсетија дека листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗО не е ажурирана веќе 15 години и неопходно да се прочисти, а најавија и дека лековите кои се застарени ќе бидат сменети со нови.
Здравствен приоритет на Владата е деблокирањето на процесот на воведување на нови лекови на позитивн листа, кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), па затоа ќе обезбедиме механизми за навремен и соодветен пристап до современи, висококвалитетни лекови и медицински помагала, соопшти Владата лани, на 23 јуни.
Инаку, и Беким Сали, поранешниот министер за здравство, изјави дека е фрапантен е податокот дека позитивната листа на лекови последен пат со три нови лекови е дополнета во 2012 година.
Сосема оправдан е револтот на пациентите, кои одвојуваат по неколку илјади денари месечно за да ги набават лековите што им се потребни. За жал, дури 40 отсто од лековите веќе не се на пазарот, затоа што се застарени, а во меѓувреме се направени нови современи лекови, изјави екс-министерот за здравство Сали во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Со оглед на тоа дека процесот за промена на позитивната листа е започнат пред една година и три месеци, а од денеска новите лекови се достапни во аптеките, изјавата на Владата „За само 2 месеци од мандатот, Владата, Министерството за здравство и ФЗО ја проширија позитивната листа на лекови“, ја оценуваме како делумно точна.
ИЗВОРИ:
Официјално соопштение од Влада, (16.09.2024)
Соопштение од Влада, пренесено од Мета.мк, од 23 јуни 2024
Mms.mk, изјава од гостување на Беким Сали (проверено на 16.09.2024)