Фото: Nick Fewings на Unsplash

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека веќе е започната тендерската постапка за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија и шесте претоварни станици во Источниот и Североисточниот плански регион во земјава. Регионалната депонија, каде всушност ќе се преработува 65 отсто од целокупниот отпад собран во 18-те општини од двата региона, ќе биде првата современа фабрика за отпад во земјава.

Изборот на компанија што ќе го спроведе регионалниот систем за управување со отпад треба да заврши најдоцна до крајот на годинава, а во 2022 година се очекуваат изведбените работи на регионалната депонија што ќе се наоѓа во селото Мечкуевци, Општина Свети Николе. Како услов во тендерската постапка, изведувачот ќе треба да ја изгради регионалната депонија најдоцна за две години, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектот за управување со отпадот во двата региона ќе биде покриен со неповратните средства од Европската Унија во висина од 40 милиони евра. Сите општини, вклучувајќи го и Свети Николе, веќе се согласија на формирање на јавно меѓу-регионално претпријатие за управување со отпадот, кое веќе е регистрирано во Централниот регистар.

Регионалниот систем за управување со отпад предвидува на централната локација во Мечкуевци да се изградат погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка ќе има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На оваа локација би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад. Единствено оној отпад што не би можел да се рециклира, ќе треба да заврши во идната регионална депонија што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет од 900.000 метри кубни отпад.

Шест други важни точки во двата региона ќе бидат претоварните станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. Покрај за претовар на отпадот што ќе оди кон Мечкуевци, на овие локации ќе има постројки за компостирање на градинарскиот отпад, а на шесте локации ќе се собира мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека земјава има децениски проблем за решавање на третманот на отпадот. Регионалните системи за управување со отпадот не се воспоставени, иако секоја година добиваме критики од Европската комисија поради одолговлекување на обврските. Наместо регионални депонии изградени по строги стандарди за заштита на животната средина, низ земјава постојат нестандардни општински депонии кои се опасност за животната средина и огромен број на диви депонии на кои несовесни граѓани фрлаат ѓубре. Неконтролираното трупање отпад доведува до загадување на почвата и водите, а со палењето на отпадот се предизвикува и загадување на воздухот.