фото: фејсбук профил на Рамиз Мерко

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) оцени на денешната седница дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, треба кривично да одговара за финансиски малверзации кои се потврдиле во нивната истрага и во истрагата на државните ревизори. Според ДКСК, Мерко треба да се гони кривично, како и претседателот на Кривичниот суд во Струга, кој дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари, и покрај тоа што оваа општина е меѓу најзадолжените во државата.

Според антикорупциска, од 2018 година во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се оформени три предмети во врска со општината, меѓу кои е предметот за јавната набавка на Општина Струга на три автомобили и на еден луксузен автомобил марка „Ауди А6“ во вредност од 70.000 евра, како и предмет за бесправна продажба на објект.

ДКСК на седницата реши да ја запре постапката за акумулација на функции против Нефи Усеини, бидејќи во меѓувреме тој се повлече од советничка позиција во Општина Охрид, а истовремено, Антикорупциска оцени дека не се најдени никакви спорни ситуации во предметот „Шпанско Село“. Односно, за плацовите купени од мајката на сопругата на министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот за здравство Илир Хасани и еден бизнисмен. Како што соопшти ДКСК, плацовите биле купени во време кога тие не биле функционери, а бизнисменот подолго време ги добивал тендерите во здравство бидејќи имал најквалитетни понуди.