Атрактивниот грчки остров за летување, Миконос, од вчера го напуштаат странските туристи кои масовно си заминуваат, откако е воведен пет часовен полициски час во траење од една недела, како и други мерки, заради спречување на ширење на вирусот ковид-19.
Според новите правила на грчките власти, музиката е забранета во ресторани, кафулиња и клубови и само на оние лица кои одат на работа или во болница им е дозволено да се движат од 1 до 6 часот наутро.
На островот популарен меѓу младите поради деноноќните журки засега се пријавени 39 нови случаи на корона вирусот. Грчките здравствени власти соопштија дека има нови 1.558 случаи во земјата во период од 24 часа, како и 10 смртни случаи, објавија грчките медиуми. Регионот Атика, како и грчкиот главен град Атина, регистрира 610 нови случаи, а во Солун има нови 112 случаи.
Од вчера, откако стапија на сила новите правила заради ограничување на ширењето на ковид-19, туристите ги откажаа годишните одмори и ги оставија празни вилите, дуќаните и рестораните на Миконос. Веќе се откажани околу 40 отсто од хотелските аранжмани.
Инаку, Миконос е една од најпопуларните дестинации, привлекувајќи повеќе од милион посетители секое лето, посебно млади, како и холивудски sвезди, светски модели и познати спортисти.