Фото: Архива на Мета.мк

Со засилено темпо течат подготовките за спроведување на теренскиот попис на населението што треба да се реализира од 5 до 30 септември годинава. Во тек е пријавувањето на кандидатите за реонски попишувачи и за инструктори. Само во текот на првиот ден на јавниот повик, вчера, се пријавиле 640 кандидати. Во сите 50 пописни реони има пријавено кандидати и за попишувачи и за инструктори. Конкурсот ќе трае до 5 август, по што ќе следи тестирање на кандидатите и конечен избор кој треба да се направи најдоцна до 15 август по што ќе следи обука.

Ова го соопшти на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски, кој информираше за заклучоците и одлуките од 88. седница на Владата. Тој на почетокот укажа на важноста од спроведување на оваа статистичка операција и посочи дека учеството во пописот е одговорност на секој граѓанин, кој придонесува кон држава базирана на податоци, а не на претпоставки. Податоците од пописот се доверливи и заштитени, потсети Арсовски.

Инаку, како што претходно информираше Државниот завод за статистика, со конкурсот се бараат 5.055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за сите 50 пописни реони. Кандидатите треба да бидат полнолетни, да не се вработени, да имаат најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, по пошта до ДЗС или лично да се достават на денот на тестирањето.

Претходно, пописната акција во државава требаше да се реализира годинава од 1 до 21 април. Но, процесот запре непосредно пред стартот, под притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по што се донесоа во Собранието измените во Законот за попис со кои се утврди друг датум.