Здружението на граѓани ЦИВИЛ– Центар за слобода, најостро ја осудува злоупотребата на децата и на малолетниците во политички цели. Децата никако не смеат да бидат предмет на политичка инструментализација и преку нив да се упатуваат политички пораки, затскривајќи се зад превезот на „патриотизмот“. Злоупотребата на сопствените деца и на сите деца воопшто за упатување политички пораки е законски забрането и не е патриотизам, реагираат со соопштение од ЦИВИЛ.
Додаваат дека нивниот долгорочен мониторинг постојано констатира случаи на злоупотреба на деца и на малолетници, особено пред и за време на кампањите за изборните процеси во РСМ.
„Затоа, во пресрет на локалните избори или други јавни настани, ЦИВИЛ повикува:
Стоп за политичката злоупотреба, инструментализација и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација.
Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон. Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“, стои во нивното соопштение.
Се потсетуваат политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата.
„Местото на децата е надвор од политиката! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштитата на децата, а не за нивна политичка злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство“, посочуваат од ЦИВИЛ.
Истовремено, бараат од институциите да ги санкционираат оние што ги вовлекуваат децата и малолетниците во политиката и што ќе се обидат да ги стават на својата листа на активности.