Владата ја означи за стратешки проект фабриката што ќе согорува и обработува отпад во Неготино

Фото: Архива на Мета.мк

Друштвото за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино, ќе добие статус на стратешки инвестициски проект, одлучи Владата на вчерашната седница.

Одлуката е донесена, како што соопштуваат од владиниот кабинет, врз основа на предлогот на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, која го разгледала целокупното барање и документација и извршила техничка, финансиска и правна проценка на досието на проектот: „Фабрика за производство на зелена енергија“. Врз основа на утврденото, Владата одлучила дека проектот ги исполнува условите, според Законот за стратешки инвестиции, фирмата да се стекне со статус на стратешки инвестиционен проект.

Инаку, станува збор за фабрика што ќе обработува отпад, проект што е дел од Интервентниот план за инвестиции за 2021-2027 година, што беше презентиран од Владата во мај годинава. Инвеститирот од Луксембург, кој најави инвестиција од 336 милиони евра од согорувањето и преработката на отпад.

Според тогашната изјава на премиерот Зоран Заев, станува збор за инселератор, кој ќе работи без оџак, како затворен систем на издувни гасови, по примерот на многу европски градови. Фабриката треба да го реши загадувањето од отпадот од дивите депонии и да ја спречи емисијата на отровни гасови, загадувањето на почвата и на подземните води, а ќе нема ниту неконтролирани пожари. Инвестицијата би требало да го поттикне економскиот развој и да отвори нови работни места.

Според неодамнешна изјава на Заев во врска со овој проект, тој нуди трајно решение за 74 отсто од отпадот од целата територија на државата чија енергија ќе се претвора во топлинска, а меѓу другото, вклучува набавка на 100 комунални возила, метални и комунални контејнери, збирни и претоварни станици и друго. Според проектот, комуналните претпријатија ќе имаат обрска да плаќаат околу 20 евра за еден тон депониран смет.

Здружението на граѓани „Ековита“ од Неготино, изрази загриженост околу оваа инвестиција и излезе со став дека е против отворањето на фабрика за отпад. Од таму излегоа во јавност со ставот дека не сакаат таканаречена гасна централа што ќе согорува комунален отпад и ќе создава од тоа енергија за жителите на Неготино. Активистите стравуваат дека ќе се увезува токсичен отпад од други земји, поради големиот капацитет на фабриката од милион тони годишно отпад за преработка.